Кривична пријава за проневерите во ПИОМ

Кривична пријава против непознат сторител поднесе Министерството за труд, по скандалот со непрефрлањето на придонесите  за пензиско осигурување. Се бара одговорност зошто 12 000 граѓани не биле воопшто распределени во еден од фондовите, иако тоа според законот е обврска на фондот за ПИОМ. За нив  работодавачите уплаќале придонеси, но парите останувале во ПИОМ со што идните пенизонери се оштетени за 19 милиони евра. Од министерството смируваат дека осигуренциите нема да останат без пари.

„Сите 12.000 осигуреници ќе ги добијат парите во вториот пензиски фонд. Префрлањето на парите ќе се врши од утре па во наредните 6 месеци“.

Од Фондот за ПИОМ не се чуствуваат орговорни за скандалот, но признаваат дека ненавремено ги распоредувале осигурениците и дека парите од придонесите ги користеле за потреби  на фондот. Причината за ваквото долгогодишно работење ја лоцираат во честите и брзи законски измени што предизвикале дестабилизација на процедурите. Најголемиот број на нераспределени осигуреници тврдат дека се од периодот од 2003 до 2007година, а не од 2009 и 2010 година.

„Од вкупниот број на околу 12.000 нераспределени осигуреници, за повеќе од 4.000 осигуреници, воопшто нема уплата на придонес од страна на работодавачите. Сите нераспределени осигуреници во вториот столб, се евидентирани како членови само на првиот столб и нивните уплати на придонесот се користени за потребите на Фондот, како што се користи и придонесот кај останатите осигуреници.

Двете приватни пензиски друштва немаат евиденција за нововработени лица, па оттаму велат не ни можеле да знаат за скандалот со пензиите. Објаснуваат дека ПИОМ е надлежен да врши распределба на вработените и дека оштетените граѓани ќе мора да добијат и пари за изгубена добивка.

„Овие 12.000 осигуреници сега за прв пат ќе бидат распределени во задолжителните пензиски фондови и за нив ќе се изврши уплата на задоцнетите придонеси. Според последните законски измени воведена е обврска со која Фондот на ПИОМ при ненавремен пренос на средствата и ненавремена распределба на членовите, покрај уплатениот придонес, ќе изврши уплата и на надоместок за ненавремена распределба адекватен на изгубениот принос од инвестиции“.

Од Агенцијата за супервизија на капиталното осигурување МАПАС велат ќе соработуваат во истрагата, а членовите ќе ги информираат за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба.

Во период од 2007 до 2018 со ПИОМ директоруваат членови на ДУИ, а министри за труд биле Џељал бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

Владата вчера обвини дека претходната власт го злоупотребувала пенизскиот систем за политички цели, дека се намалувале стапките на придонес, се форсирало вработување без плаќање придонеси и имало ненавремени трансфери од ПИОМ кон приватните сметки на осигурениците. Токму таквите политики, рече министерката Царовска довеле до зголемен дефицит во ПИОМ од 244 милиони евра.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ