
Кривична пријава поради малверзации со земјиште со бензинска пумпа
Наместо да си наплати кирија, сопственик на земјиште останал и без земјиштето и без бензинската пумпа, изградена на неговиот имот.
Бенизнската пумпа се наоѓа во близина на два клучни правци, автопатот кон Србија, и патот кон Бугарија.
Петмина луѓе и четири нивни фирми од кумановско и гевгелиско, со помош на извршителка од Штип, правеле малверзации и успеале да го одземат земјиштето со бензинската пумпа.
Кумановската полиција ги товари фирмите Хени компани од Слупчане, Алов Гевгелија, Твинс петролеум од Негорци, гевгелиско, и Пик оил од Негорци, и уште пет лица, раководители на фирмите, дека препродавале туѓо земјиште, со изградена бензинска пумпа, со што го оштетиле сопственикот на земјиштето за повеќе од 600 илјади евра.
Се се случувало во 2016-та година, кога имотот кој бил изнајмен од фирмата Хени компани, со помош на извршителката од Штип незаконски бил продаден за сума, шест пати помала од реалната вредност, пишува во пријавата на МВР.
Фирмата Хени од Слупчане прво го изнајмила имотот, но не ја плаќала редовно киријата. Потоа успеала да го откупи имотот за 100 илјади евра, користејќи постапка за извршување по долг .
За да се сокријат трагите, во препродажбата на туѓиот имот се вклучиле и двете гевгелиски фирми,Твинс петролеум и Пик оил кои ја откупиле истата бензинска пумпа по пазарна вредност од околу 600 илјади евра.
Полицијата всушност открила дека сите фирми се на исти сопственици и се меѓусебно поврзани. Меѓу осомничените е и компанијата Алов и еден израелски бизнисмен кои учествувале во незаконската продажба.
Алов Гевгелија и израелскиот бизнисмен, пред три гоини, беа вклучени во обид за непријателското преземање на Макпетрол.
Шестмината раководители и четирите фирми сега се осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои и за злосторничко здружување и перење пари.
Марија Дивитарова Савановиќ