Кривичен полн со политичари, дел обвинети дел оштетени во крвавиот четврток

Крвавиот четврток повторно ги собра политичарите на едно место. Во кривичниот суд. Оштетениот и сведок премиерот Зоран Заев од една страна и обвинетите за организација Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски од друга. Први дојдоа обвинетите, имаа термин за да нaправаt увид во доказите со кои обвинителството ги товари дека ги контролирале настаните во Собранието. За малку се разминаа со Заев кој дојде пет минути подоцна, на судење поврзано со крвавиот четврток. На излегување премиерот не коментираше многу за тоа што во исто време во истата зграда се најде со неговите обвинети колеги.

Инаку премиерот сведочеше против обвинет за насилство во собранието, процес кој се уште трае а поради делото кое му се става на товар не е амнестиран. Илија Петрушевски е вработен во затворот Идризово, а бил во Собранието за време на инцидентите. Но премиерот не се сеќаваше дали го видел во прес салата и како дел од толпата која физички го нападна. Петрушевски пак не се чувствува виновен за такво дело, беше благодарен за коректното сведочење на Заев и се ракуваше со него. 

И додека обвинетиот во овој процес сведочеше дека бил заведен да влезе во Собранието, но дека ништо лошо не сторил, оние кои се обвинети дека ги организирале настаните се уште не знаат дали ќе седнат на обвинителна клупа. Се чека да го финализираат увидот во доказите па судот да оцени дали обвинението на Вилма Русковска ќе го прифати. По ова ќе се знае дали обвинетите Вељановски, Ристовски, Јанакиески, Владимир Атанасовски ќе добијат термин за судски процес. За сега не им се суди на Никола Груевски и Никола Бошковски кои се избегани од земјава.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ