
Критики од опозицијата, метлата е партиска а не државна, СДСМ најави нова
Партиска а не државна метла. Вакви се реакциите на опозициските партии особено од албанскиот блок за разрешувањата на претседателите на општинските ограноци на СДСМ. Претседателот на Алијанса за Албанците во порака за Телма, вели дека дури и не би ги коментирал внатрепартиските збиднувања, бидејќи легитимно право е на претседателот на една партија да прави промени.
Промените во СДСМ ќе имаат последици внатре во партијатаа не за подобрување на стандардите и доброто владеење со државата. Ако во наредните денови Заев донесе некаква одлука како премиер на Република Северна Македонија тоа би било вредно за коментар, порача Села.
И претседателот на БЕСА, Билал Касами смета дека најавената метла е признание на Заев дека во делот на внатрешната политика, економија и развојот Владата не ги реализирала клучните проекти кои ги ветила.
„Метлата“ во контекст на реформи и поставување на професионалци, а не партиски послушници на челни позиции на извршната власт е неопходно да се издејствува. Колку намерата е искрена и колку ќе може Заев да ја реализира не само во неговата партија туку и кај коалиционите партии ќе покаже времето, вели Касами.
Во меѓувреме партијата на Заев, СДСМ најави Централен одбор кој ќе се одржи во недела попладне. Ќе се справува и со повисокиот ешалон во партијата.
СДСМ сепак ги повика разрешените претседатели ако сметаат дека биле успешни да се кандидираат на следниот конкурс што ќе биде објавен уште идната недела. Следни поголеми промени и во јавните претпријатија, министерствата и владата ќе имадури во јуни. Но и заев како и партиите од албанскиот блок очекуваат и претседателот на ДУИ Али Ахмети исто така да се фати за метлата.
Билјана Николовска