
Крадците во време на карантинот ги смалиле активностите, но користат и хируршки маски за разбојништва во аптека
Дел од крадците остануваат на криминалната сцена и вршат кражби и покрај полицискиот час и зголемените мерки за социјално дистанцирање со што граѓаните повеќе се дома. Во главниот град за три до 4-пати е намалена бројката на кражби, додека например во Кочани според општинските власти имотните деликти се зголемени. Вооружените разбојништва исчезнаа бидејќи објектите кои имаат голем кеш се затворени, а имаше два случаи кога ист разбојник со нож ограбил две аптеки скриен со заштитна хирушка маска.
Главна задача на полицајците сега е да проверуваат кој се движи во време на полицискиот час, но и покрај сериозните превентивни мерки им останува и работата да ги ловат крадците.
Денеска е објавено дека 21-годишна девојка во Чаир и 41-годишен жител на Кучевиште во центарот на Скопје кај ГТЦ се фатени во време на полициски час со предмети кои се украдени. Покрај што го прекршиле полицискиот час, двајцата извршиле и дело тешка кражба.
Според податоците од скопската полиција, бројот на кражби во главниот град е намалена за три до 4 пати, доколку пред короната биле пријавувани и до 50 кражби дневно, сега во дневниот период кога не е полициски час има по десетина кражби.
Во време на полицискиот час, многу ретко се пријавуваат вакви случаи поради тоа што граѓаните се дома и главно има кражби и обивања на автомобили, гаражи или домови каде никој не живее.
За разлика од Скопје, кочанскиот градоначалник тврди дека во таа општина имало зголемување на кражбите и дневно се случуваат две до три кражби особено во домови каде сопствениците се на работа во странство. Забележани се и кражби на моторно возило и во трговски дуќани во Кочани.
Вооружените разбојништва речиси исчезнаа, затоа што објектите каде се врти кеш, како кладилници или кафеани се затворени. Единствената разбојничка акција и тоа во две аптеки во Скопје е забележана пред 15-тина денови.
Тогаш разбојник со нож и скриен со хируршка заштитна маска ограбил две аптеки, една во Карпош, а втората во Аеродром во рок од 40-тина минути. Полицијата го бара овој разбојник кој најверојатно користел автомобил за брзо да стигне од едно до друго место на злосторство.
МВР соопшти дека во изминатото деноноќие во целата држава се откриени 138 луѓе кои ги прекршиле полицискиот час и забраната за движење. 121 од нив се приведени, додека за останатите се земени податоци за соодветни пријави.
Полицијата нема регистрирано прекршување на мерките за самоиозлација од граѓаните на кои им е определена таа мерка.
Миомир Серафиновиќ