
Крадци ги пустошат верските објекти во тетовско
Зачестените појави на кражби во верските објекти го доведуваат во прашање нивното нормално фунционирање. Се крадат пари кои се собрани од доброволните прилози на верниците наменети за одржување на црквите, плати на свештениците и клисарите посочуваат од тетовското архирејско намесништво.
Верските објекти во полошко овој месец се најпримамливи за крадците. За околу еден месец на овие простори регистрирани се 12 тешки кражби, 10 во православни цркви и 2 во џамии. Одземени се пари, икони па дури и електрични кабли. Последната кражба е регистрирана во црквата Свети Димитрија во Тетово каде се земени пари. Претходно беше обиен соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово. Оттаму крадците се офајдиле со 12 000 денари.
Дел од случаите се расветлени. Има случаи каде едно лице се појавува како учесник во повеќе кражби. Полицијата апелира на поголема внимателност и поголема заштита на верските објекти. Од тетовското архирејско намесништво истакнаа дека голем дел од објектите се заштитени, но крадците наоѓаат начини да провалат во божјите храмови со што предизвикуваат материјална штета поголема и од одземеното.
Кражбите пред се во православните храмови се честа појава на почетокот од годината, кога во црквите поради големиот број зимски празници верниците оставаат пари за здравје.
Зоран Димовски