
Коѕијас во Скопје до крајот на февруари или почетокот на март
Шефот на грчката диломатија Никос Коѕијас повторно доаѓа во Скопје, но не неделава, како што најавуваат грчките медиуми, туку до крајот на овој месец или почетокот на март, потврдуваат од македонското МНР.
Како причина за пролонгирањето на посетата на Скопје се наведуваат згуснатите и веќе претходно договорени агенди на двајцата министри, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Грчкиот министер за надворешни работи во интервју за ЕРТ најави дека очекува следната посета да ја направи преку преименуваниот аеродром во Скопје, што од минатата недела и официјално се нарекува „Меѓународен аеродром Скопје“.
Грчката телевизија Алфа претходно објави дека Коѕијас во следните денови доаѓа во Скопје. Телевизијата во централното издание на вестите, повикувајќи се на свои извори вели дека започнува клучна недела за преговорите, а Коѕијас на неговиот македонски колега ќе му ја достави нацрт-спогодбата што ја подготвува грчката страна.
Според телевизијата, во нацрт спогодбата од грчка страна, освен името, вклучени ќе бидат и промените во Уставот што Атина ги бара од Скопје за „отстранување на иредентизмот“.
Премиерот Заев во интервју за австриската радиостаница ОРФ, рече дека се надева до Самитот на НАТО во јули да се пронајде решение за спорот со Грција, додавајќи дека влезот на Македонија во Алијансата е повеќе од извесен, доколку се пронајде решение за спорот.
Тој претходно изјави дека на првата средба меѓу министрите во Брисел била постигната согласност за 3 од 7-те точки во спорот.
Игор Трајков