Коѕијас по средбата со Мас: Спорот треба да се реши тоа е во интерес и на Грција и на Македонија

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска ја продолжи својата дипломатска турнеја во Берлин.

Спорот за името меѓу Македонија и Грција бил високо на агендата на денешната средба на шефовите на германската и грчката дипломатија Хајко Мас и Никос Коѕијас во Берлин.
Од германска страна по состанокот уште еднаш беше искажана целосна поддршка за изнаоѓање решение на деценискиот спор.

Мас го поздрави развојот на досегашниот тек на преговори и потенцираше дека Берлин со години силно се залага за решение во спорот за името.

„Германија е заинтересирана за решение кое ќе донесе мир и стабилност на Западниот Балкан“, рече Мас.

Коѕијас информираше дека од вчера експертските работни групи од Македонија, Грција и Обединетите нации заседаваат со цел да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери.

Коѕијас рече дека спорот треба да се реши затоа што тоа е во интерес и на Грција, а не само на Македонија.

Според него, тој и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров сториле се што е во нивна моќ за да ја затворат рамката и да понудат прифатливо решение и сега со темата се занимаваат работните групи.

Синоќа Коѕијас и Штајнмајер разговараа во претседателската вила во Берлин, но од средбата нема никакво соопштение, освен заедничка фотографија од двајцата политичари, а од кабинетот на Штајнмајер не успеавме да добиеме одговор за кои теми се разговарало.

Секако, официјален Берлин веќе подолго време активно ги следи преговорите во спорот за името и дава поддршка за изнаоѓање решение, а Штајнмајер како долгогодишен шеф на дипломатијата ги познава добро работите и веројатно се интересирал за последните случувања.

Да потсетам дека и канцеларката Ангела Меркел минатата недела на таа тема и телефонски разговараше со македонскиот и грчкиот премиер.

Портпаролката на германското МНР, вчера, во пресрет на состанокот на Мас и Коѕијас изјави дека германската влада апелира до Атина и Скопје да ги затворат и преостанатите отворени прашања кои постојат меѓу двете земји. Според Берлин, се работи за историска шанса да се решат отворените прашања и тоа ќе има позитивно влијание не само за билатералните односи меѓу Македонија и Грција туку и за стабилноста на целиот регигон. Сличен став повтори денеска и министерот Мас.

Се огласи и министерот за Европа Михаел Рот кој освен што рече дека е оптимист изрази подготвеност да се даде секаква поддршка за решение на спорот. Рот вчера во Брисел разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и забележително беше тоа што во неговата порака повика да не се попречува изнаоѓањето на мирно решение, иако остана нејасно до кого ја адресираше ваквата порака.

Борис Георгиевски, Дојче Веле

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ