Коѕијас идната недела во Скопје ќе ја донесе нацрт-спогодбата

Шефот на грчката дипломатија идната недела доаѓа во Скопје. Информацијата која ја објавија грчките медиуми дека Никос Коѕијас на 22 и 23 март ќе дојде во посета  на Македонија, неофицијално е потврдена и во Скопје. Досега ни македонското, ни грчкото МНР не ја официјализираа посетата. Од македонското Министерство информираат дека се чека одговор од грчката страна за усогласување на детали околу посетата, по што и официјално ќе информираат кога таа ќе се случи. Во меѓувреме портпаролот на македонската влада вчера ја потврди посетата на Коѕијас идната недела, оценувајќи ја како е чекор напред во придвижување кон конечното решавање на спорот.

Се очекува Коѕијас во Скопје да ја донесе грчката предлог-спогодба за надминување на спорот околу името. Најавувајќи ја спогодбата на крајот од јануари Коѕијас рече дека таа опфаќа седум области во однос на процесот на преговори кој се води меѓу двете страни: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците, како и барање за промена на македонскиот Устав. Минатата недела таа беше надополнета.

Заев пред два дена за нацрт-спогодбата која ќе ја достави Коѕијас рече дека секој документ кој што ќе дојде од било која страна и би бил од помош за конечно решавање, е вреден за разгледување.

„Ако е од помош, сето тоа што е од помош ќе го искористиме да помогне во процесот, ако не е, не е. Важно е тоа што доаѓа од медијаторот. Тоа што двете страни сме согласни е дека процесто мора да подолжи под раководство на ОН, бидејќи на двете страни така и им треба – да биде верификуван во ОН“, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија. (13.03.2018).

Се очекува шефот на грчката дипломатија во Скопје да допатува авионски, за првпат по 12 години, и да слета на аеродромот кој пред 20-на дена во знак на добра волја кон Грција беше преименуван од Александар Велики во Меѓународен аеродром – Скопје.

Посетата на Коѕијас на Скопје и доставување на предлог-спогодбата е увертира во новата рунда разговори меѓу Димитров и Коѕијас под посредништво на Нимиц, која е најавено дека би требало да се одржи на крајот од март или почетокот на април.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ