Коѕијас добил заканувачко писмо и куршум како предупредување за македонското прашање

Писмо со смртни закани околу спорот со името и еден куршум завиткан во писмото како предупредување. Ваква порака во вторникот стигнала на адресата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас кратко пред неговата посета на Македонија, објави весникот Та Неа.

Грчки дипломатски извори за државната новинска агенција ја потвдиле оваа вест нагласувајќи дека продолжува нападот со закани по животот врз министерот за надворешни работи поради македонското прашање. Државната новинска агенција објави и детали од заканувачкото писмо.

„Сите вие што се чувствувате Грци, борете се за нашиот идеал, за нашата историја, за нашиот идентитет. Прашањето со името на Скопје крие големи стапици. За сите останати, особено за оние што ќе стават потпис на распродавањето на нашата Македонија важи само едно нешто: ќе направиме да ги снема нивните семејства, од најмалиот до најголемиот.“, пишува во писмото.

На крајот од заканувачкото писмо бил упатен повик до безбедносните сили и армијата.

Анонимно писмо до Никос Коѕијас

„Не им се потчинувајте на нивните наредби, влезете во Парламентот и исчистете ги сите, запирајќи ја распродажбата за НАТО и ЕУ“, пишува во писмото.

Куршумот, заедно со дописот биле испратени до полицијата за да се спроведе истрага со која би се открил испраќачот.  За случајот биле известени и министерот за правда на Грција и грчкиот премиер.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, ова е втор пат шефот на грчката дипломатија да добие писмо со куршум. На почетокот на февруари добил писмо во кое пишувало: „Имаме три куршуми спремни за тебе и за твоето семејство. По еден за секоја Македонија.“

Во меѓувреме грчките медиуми продолжуваат интензивно да пишуваат за спорот со името најчесто повикувајќи се на анонимни извори. Та Неа анализира дека наредната недела Коѕијас пристугнува во Скопје со два предлога- Нова Македонија и Горна Македонија напишани на кирилица. Според истиот весник, решението за спорот со името може да се најде на одлучување пред Парламентот веднаш по Велигден, и тоа на почетокот на мај.

Од друга страна пак Катимерини пишува дека темни облаци се кренале во преговарачкиот процес откако според нив Никола Димитров ги опишал грчките позиции како апсурдни.

Сепак весникот смета дека и покрај ова не е се загубено за Атина бидејќи ваквата реторика на Димитров е насочена пред се кон домашната јавност.

Коѕијас се очекува да ја посети Македонија на 22 и 23 март кога на средба со шефот на македонската дипломатија Никол Димитров треба да ја презентира грчката нацрт-спогодба за решавање на прашањето за името.

Александар Манасиев

Александар Манасиев

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ