
Ковид-19: Во 6 градови со заболени веќе нема активни случаи – денес 15 позитивни, 1 починат и 45 оздравени во земјава
Закрепна и последниот заболен од педесетмината пациенти со Корона во Дебар. Ова се случува два месеци откако заразени сопружници се вратија таму со автобус, од европското жариште на вирусот – Италија.
Градот од западна Македонија, со повеќе од 14 илјади жители беше во карантин. Не смееше ниту да се влезе ниту да се излезе од него, освен за оние работници кои мораа да се справуваат со кризната ситуација.
По двајцата сопружници, во Дебар се заразија и други 49 лица, а четворица ја загубија битката со болеста. Со ова градот стана жариште на Корона во Македонија, пред Скопје и Куманово да го преземат приматот.
Епидемиолозите во Дебар досега направиле повеќе од две илјади серолошки тестови во овие два месеци. Според досегашните резултатите, населението не било масовно во контакт со вирусот.
„Секој матичен лекар имаше одреден број на тестови, рапид-тестови, и тоа поделен по возраст. Од 0 до 4, од 5 до 14, од 25 до 64 и над 65 години. Досега реализирани се 2000 тестови. Овие денови ќе ги анализираме. Сега за сега, има резултати и повеќе се негативни отколку позитивни,“ вели Д-р. Ментор Мела – Епидемиолог од Дебар
Позитивните вести дека сега во Дебар веќе нема ниту еден активен случај на заболен, на Фејсбук ги објави министерот за здравство.
Инаку, не е само Дебар на оваа листа. И Гевгелија, Радовиш, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар веќе немаат активни случаи на заболени. Од овие места најмногу пациенти имаше во Гевгелија, четворица. Бројка ни приближна до статистиката од Дебар.
Денешниот пресек на здравствените власти, пак, вели дека повторно како и вчера има повеќе оздравени отколку новозаболени со Ковид-19. 45 лица оздравеле. 25 се од Куманово, градот кој и понатаму има најмногу заразени по глава на жител.
Денес за првпат уште од почетокот на епидемијата досега нема прием на нови пациенти на Инфективна.
Нови потврдени случаи се 15 на број, од 199 тестови. Со ова вкупната бројка достигна 1506 заразени во земјава. 852 оздравеле, а смртни случаи има вкупно 82.
Петар Догов