
Ковид 19 ја откажа грандиозната воена парада во Москва, вирусот влезе и во Белата Куќа
Пандемијата корона вирус не запира. Повеќе од 4 милиони луѓе во целиот свет досега биле заразени од опасниот вирус додека животот го загубиле над 276 илјади лица.
Најмногу нови случаи во Европа овие денови се регистрираат во Русија, со досега речиси 200 илјади случаи а пандемијата драстично го промени и одбележувањето на денот на победата над фашизмот, 9-ти Мај.
Црвениот плоштад денеска наликуваше на град на духови, во остар контраст со традиционалните воени паради и грандиозни прослави за победата над нацистичка Германија во втората светска војна.
Минатата година речиси половина милион луѓе учествуваа во прославата а оваа година улиците вообичаено преполни со луѓе, беа празни со по некој случаен минувач и автомобил.
Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска положи венци на гробот на незнајниот јунак во Москва, порачувајќи им на граѓаните дека денот на победата и натаму останува најзначаен и најскапоцен празник во Русија.
Сепак од големата прослава и повеќечасовното дефиле на ткн бесмртен полк, кој ја демонстрира руската воена моќ, оваа година остана само прелетот на 75 борбени авиони и хеликоптери во центарот на Москва кои го обоија небото над главниот град на Русија во националните бои.
“Драги Руси, ви ја честитам 75-годишнината од победата над фашизмот. Среќен ден на победата” – честиташе пилотот на Евгениј Шалагин.
Најмногу смртни случаи од Ковид 19 во Европа има во Обединетото Кралство, од каде денеска стигна и веста дека владата на Борис Џонсон ќе воведе 14 дневен карантин за луѓето кои ќе допатуваат во државата , од каде било во светот, со исклучок на република Ирска.
Во Шпанија, иако и денеска има повеќе од 2,5 илјади нови случаи корона вирус, властите продолжуваат со постепената нормализација.
Во Мадрид денеска беше ослободен повеќе простор за луѓето кои сакаат да практикуваат физичка активност, откако 29 улици во главниот град на државата беа прогласени за пешачки зони.
“Добро е затоа што минатата Сабота имаше многу луѓе и не можевме добро да трчаме, сега имаме повеќе простор а исто така мислам дека има помалку луѓе од минатата Сабота и ако засега не можеме да ги отвориме парковите, ова е најдобрата опција” – кажа Бланка Силва.
Најголемо светско жариште на Коронавирусот остануваат Соединетите американски држави, каде смртоносниот биланс денеска се искачи на повеќе од 78 000 а постојано се зголемува и бројот на новозаразени кој е повисок од милион и 300 илјади.
Јавноста денеска беше информирана и дека близок соработник на американскиот потпретседател, Мајк Пенс, има позитивен тест за Ковид-19, еден ден откако уште еден член на персоналот во Белата Куќа беше дијагностициран со вирусот.
Станува збор за прес-секретарката на Пенс, Кејти Милер.
“Тоа е, таа е прекрасна млада жена, Кејти. Таа имаше многу добри тестови подолго време и потоа наеднаш денеска имаше позитивен тест. Немаше контакт со мене. Таа помина некое време со потпретседателот” – изјави претседателот Трамп.
6 члена на тимот на Пенс, кои имале контакт со Кејти Милер, која е сопруга на контроверзниот советник на Трамп, Стивен Милер, биле отстранети од авионот со кој потпретседателот отпатувал во Ајова, на средба со религиозните лидери.
Белата куќа започна секојдневно да ги тестира Трамп и Пенс и тврди дека се преземаат сите можни мерки да се заштити шефот на државата.
Никола Илиевски