Ковачев ги бара македонските граѓани со бугарски пасош кои се против Бугарија

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го бара списокот на сите македонски граѓани кои имат бугарски пасоши, со тврдење дека меѓу нив има политичари и од власта и од опозицијата, но и дипломати, новинари, професори.

Тој тврди дека дел од нив се гласни против Бугарија и поради тоа бара од институциите да ги обелоденат имињата на оние кои имаат бугарско државјанство, а работат на штета на Бугарија

„Всушност, сите овие луѓе се изјасниле дека чувствуваат етнички Бугари и дека нивните родители и пра-баби и дедовци се исто така етнички Бугари. Меѓу нашите сонародници се многу поранешни и сегашни политичари, поранешни премиери, поранешни и актуелни министри, градоначалници, пратеници од претходните и сегашни парламенти (од кои некои гласаа против Договорот за пријателство со Бугарија), членови на раководството на двете најголеми партии, дипломати, бизнисмени, водечки новинари, универзитетски професори“,напиша Ковачев.

Ова не е прво барање на Ковачев за откривање на имињата на македонски граѓани со бугарски пасоши.

Во март го побарал истото од Собранието и министерството за правда, но како што напиша на фејсбук се уште не добил одговор.

Ковачев кој е од редовите на партија на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на фејсбук напиша дека во моментов 150.000 македонски граѓани имаат бугарско државјанство или се во процес на стекнување.

Инаку според податоците на Комисијата за бугарско државјанство на претседателот на Бугарија, само во првата половина од годинава, 2.566 македонски граѓани добиле бугарски пасош, а од 2012 за шест години со пасош се стекнале 26.108.

Пред една година во Бугарија беа уапсени 22 лица во мрежа за продажба на бугарски пасоши на Македонци, Украинци, Срби, Руси. Меѓу уапсените беа и претседателот на Државната агенција за Бугари во странство и генералниот секaретар. Скандалот иницираше ревизијата на 40.000 бугарски државјанства. Но една година потоа, според бугарските медиуми, дури и малкуте државјанствата за кои е потврдено дека се нергуларни се уште не се одземени.

Македонија која инаку законски дозволува двојно државјанство, нема инструмент да провери кои нејзини граѓани се и граѓани на друга држава. Двојното државјанство досега не се покажа како проблем за извршување на високи државни функции како министерски, а не е пречка ниту за избор за пратеник.

Ковачев во постот посочува дека и дипломати имаат бугарски пасош. Според Законот за МНР, амбасадор, генерален конзул, директор на културно информативен центар не смеат да имаат двојно државјанство, додека пониските ешалони дипломати во амбасадите можат да имаат двојно државјанство, не не од земјата каде се упатени на служба.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ