
Костовски сведок на СЈО за нелегалното прислушување, а Врховен го смета за виновен за тоа дело
Врховниот суд минатиот четврток одлучи по две БЗЗ-а на СЈО. Првото е за имотот на ВМРО-ДПМНЕ, а второто за пресудата по спогодба на обвинетиот Ѕвонко Костовски во случајот Пуч, во која Врховниот суд открива дека СЈО го смета Костовски за сведок.
Врховниот суд ја потврди казната за нелегално следење на комуникации за Костовски и му одреди една година казна, но му ја поништи и врати на првостепено одлучување пресудата за помагање на шпионажа, бидејќи се уште не е откриен и осуден извршител на тоа дело.
СЈО го презеде случајот Пуч, но потоа го отфрли обвинението поради доказите откриени во истрагата Таргет кои укажуваат дека други лица го извршиле нелегалното прислушување. Тогаш СЈО се откажа од гонење на 5-мината обвинети меѓу кои беа и актуелниот премиер Зоран Заев и Зоран Верушевски, кој беше обвинет за шпионажа откако учествуваше во откривање и објавување на таканаречените бомби во кои се слушаат разговори полни со сомнежи за криминал, корупција и противзаконско постапување на тогашните функционери.
Од СЈО досега не одговорија дали ќе се повлечат и од обвинението против Костовски, за кого со одлуката на Врховен сега има правосилна пресуда за нелегално прислушување. Во одлуката пишува и дека СЈО не го гони Костовски затоа што е сведок чиј исказ е од особено значење на откривање на други сторители на кривични дела (нелегално прислушување).
Костовски беше во затвор 14 месеци од неговото апсење во февруари 2015-та до аболицијата на Иванов на 12-ти април 2016-та година кога беше ослободен. Тој досега издржал два месеци повеќе казна отколку пресуденото од Врховниот суд.
Миомир Серафиновиќ