Косовскиот амбасадор го посети Морина во затвор

Во просторијата во Шутка каде осомничените се сретнуваат со своите адвокатски без да бидат раздвоени со стакло, косовскиот амбасадор Ѓерг Дедај поразговарал со притворениот поранешен припадник на ОВК Томор Морина. Средбата која според затворските извори на Телма траеле околу 5 минути се случила претпладнево околу 10 часот.

„Им се заблагодаруваме на институциите на Република Северна Македонија, Управата на притворот Шутка во Скопје, за нивниот коректен третман, што ја овозможи нашата посета на поранешниот војник на ОВК, Томор Морина, претходно приведен од македонските власти. Томор е  добро, смирен е, се чувствува целосно невин, достоинствен и оптимист, чекајќи ослободување, бидејќи правдата е на негова страна и очекуваме тој да се врати кај семејството и во Косово“, порача амбасадорот Дедај.

Неговиот адвокат кој деновиве е недостапен на телефон, минатата недела рече дека побарал Морина да биде пуштен на слобода.

Морина беше приведен пред десетина дена врз основа на пореница од Интепол. Тоа што има косовско и британско државјанство а го бара Србија само по себе не е пречка да биде екстрадиран, објаснуваат од Министерството за правда за Телма. Државјанството не е пречка ниту според македонскиот закон за меѓународна соработка во кривичната материја, ниту според европската конвенција за екстрадиција, ниту според билатералниот договор што го имаме потпишано со Србија,  велат од правда.

Сепак судот е оној кој ја испитува основаноста на барањето за екстрадиција, и носи решение дали се исполнети законските претпоставки за екстрадиција. Ако судот даде зелено светло за екстрадиција Министерството за правда ја носи финалната одлука, објаснуваат од таму .

„Во случај Судот да донесе решение дека законските претпоставки не се исполнети и дека лицето не треба да се екстрадира, тоа решение го доставува до Врховниот суд, кој пак може да го потврди решението, да го укине или да го преиначи. Доколку го потврди, решението станува правосилно и лицето се ослободува. Таквото решение се доставува до Министерството за правда, врз основа на кое се подготвува решение со кое не се дозволува екстрадиција“, велат од министерство за правда.

Одлуката ќе биде донесена исклучиво врз основа на домашното и меѓународното право, уверуваат од министерството а токму на тоа ги советуваат и експертите.

Пораншениот врховен судија Дане Илиев вели дека Македонија е членка на Интерпол и треба да ги почитува тие протоколи. Според него политичка одлука во ваква ситуација ќе влијае негативно и порачува на надлежните да се воздржат и од политика и од сентименталности при носењето на одлуката за екстрадиција.

Тој не очекува да бидат нарушени односите со Косово доколку тие не се задоволни од одлуката потсетувајки дека односите не се нарушиле ниту кога Косово одби да ги екстрадира двајцата првообвинети за 5 кратното убиство кај Смиљковското езеро.

Министерството за правда за двајцата обвинети во „Монструм“ повторно побара екстрдиција во септември минатата година и до сега и покрај неколкуте ургенции, 11 месеци нема никаков одговор од косовските власти потврдуваат за Телма од македонското Министерство.  

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ