Косовски трговци: Царините на земјоделските производи се дискриминирачки и неправедни

Косовското Здружение на трговците со овошје и зеленчук смета дека одлуката на Министерството за трговија и индустрија на Косово за привремената мерка за зголемување за 30 отсто на царината на повеќе земјоделски производи кои влегуваат во Косово, е дискриминирачка и неправедна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова Здружение побарало од Министерството да ја смени одлуката, или во спротивно најави протести и отпуштање на вработените, пишува денеска „Коха Диторе“.

Домашното производство на некои од производите кои се заштитени, тврдат од Здружението, не задоволуваат ни 10 отсто од потребите на домашниот пазар.

И претставници на бизнисите, иако се за заштита на домашните производители, бараат проценката да се направи врз основа на барањата на потрошувачите. Во спротивно, ќе има поскапувања, како и проблеми со исполнувањето на потребите на пазарот.

Косовското Министерство за трговија и индустрија пред неколку дена донесе одлука за заштита на повеќе видови овошје и зеленчук, која треба да стапи во сила утре, 18 јули.

Косовската царина информира дека очекува уште неколку упатства од Владата, но дека од утре ќе започнњ да ја спроведува одлуката.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ