Косово ни се заканува со царински бариери, на повидок нови тензии

Македонските земјоделци повторно под стрес, повторно трговски тензии со соседно Косово. Тамошните власти се заканија дека ќе воведат царински бариери или ќе забранат увоз на повеќе македонски производи. Како причина ја наведуваат нашата забрана да се увезуваат икри и риби за порибување од таа држава. Косовскиот министер за трговија, Шала на колегата Бектеши му пишал дека од земјава се бара да ги отстрани бариерите, во спротивно, косовската страна ќе ги разгледа мерките за реципроцитет.

„Ова кршење на обврските кон CEFTA од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање“, му напишал косовскиот министер Шала на македонскиот министер Бектеши.

Домашните власти, пак, велат, оваа мерка била неопходна, и не се однесува само на Косово, туку на сите држави кои немаат гаранција дека нивните икри се здрави.

„Она на што се однесува забраната е на порибителниот материјал, а тоа е икра или млади риби. Причината е што Република Северна Македонија се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Ова е нешто што е работено подолг период, и не се однесува само на Косово, туку на сите држави што немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен“, вели Трајан Димовски, министер за земјоделство.

Од АХВ велат дека ова се однесува само на увозот на жива риба која е наменета за одгледување и насадување рибници, а кај увозот на риба нема измена.

„Во 2017 година, од страна на АХВ беше испратен прашалник до официјалните ветеринарни власти на Република Косово за состојбата со болестите кај животните, меѓу кои и болестите кај рибите, но досега  АХВ нема добиено одговор, односно официјално се уште не сме запознаени со статусот со болестите“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

А косовскиот пазар е битен за земјава, лани таму сме извезле стока од 266 милиони долари. Доминираат нафтените масла, цементот, производи од железо, пекарски производи и лекови, но значајна ставка се и земјоделските производи. Нашите власти не стравуваат од трговска војна, велат, во комуникација се со косовските. Министерот за економија Бектеши, кој е на одмор изјави дека телефонски веќе разговарал со косовскиот колега, кога ќе се врати ќе се сретнат за да се реши проблемот.

Искричењата во трговијата со Косово не се случуваат прв пат. Лани во јули косовската влада ги зголеми за 30 отсто царините за 21 наш земјоделски период, по две недели тоа го повлече под притисок на ЕУ, а нашите загуби се проценија на 180 илјади евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ