
Корона кризата сериозно ги погоди и малите тетовски бизниси
Забраната за организирање јавни собири и семејни свечености им ги помати сметките на сопствениците на бизниси, на кои најголем дел од приходите им доаѓаат токму од услугите кои ги нудат за вакви цели. Цвеќарниците, кетеринг фирмите и фотостудијата во Тетово се соочуваат со финансиски потешкотии, откако еден период беа и затворени.
Горан Ѓоровски, сопственик на продукција за снимање и фотографирање, вели дека работата им била запрена токму на почеток на сезоната. Кога биле откажани ангажманите од март до јуни, тој морал да пронајде решение за ублажување на финансиската криза, па сега работата ја пренасочил кон онлајн продажба на производи, но вели тоа не донело голем профит.
Први на удар на рестриктивните мерки беа угостителите. Постојат најави дека угостителските објекти ќе бидат отворени, но сопствениците велат дека ако работат со помал капацитет, ќе мора да го намалат и бројот на вработени, а помалите објекти, можеби и ќе се затворат.
Се очекува Владата идната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.
Данијела Билбилоска