
Контрола на граничните премини, изолациски центри и кризен штаб во борба против Коронавирусот
Под полициски надзор ќе бидат изолациски центри во Штипската, Гостиварската и во Велешката болница.
Таму на сомнители патници две недели треба да им се следи здравствената состојба.
Министерството за здравство по состанокот на управувачкиот комитет на центарот за управување со кризи соопшти и дека ќе формира кризен штаб кој ќе ја контролира работата на сите надлежни институции.
Најавена е засилена гранична контрола, а патниците од Северна Италија ќе е пропуштаат на само 5 гранични премини.
Министерот Венко Филипче, уште еднаш ги повтори заклучоците од денешниот состанок на Комисијата за зарасни болести.
Побара од граѓаните да не ја напуштаат државата, освен ако немаат итна потреба.
Од утрово сите патници кои ќе влезат во земјава ќе треба да пополнат анкетни листови кој ќе им бидат дадени од граничната полиција.
На аеродромите во Скопје и Охрид, сите патници без разлика од која земја доаѓаат ќе бидат скенирани на термо камерите.
Вечерва се очекуваат летови од Милано, а здравствените власти најавија дека патниците ќе бидат детално испрашани и прегледани.
Дали средношколците ќе отпатуваат на ексурзија во странство ќе се знае по седницата на Владата утре.
Вклучувањето на алармот во земјава дојде откако корона вирусот почна да го тресе Европското тло. Новиот вирус во Италија зеде 5 човечки животи , а досега се над 200 луѓе се заразиле.
МНР денеска излезе со соопштение дека ниту еден од 23 000 макеедонски државјани кои живеат во критичните подрачја не е заразен .
Италијанските граѓани во паника. Денеска ги испразнија супермаркетите Џенова, да се снабдат со основните производи, додека се шири стравот од ширењето на коронавирусот во нивната провинција Лигурија од соседната Ломбардија.
Полиците со паста, тоалетна хартија, конзервиран зеленчук, вода и производи за санитизација се целосно испразнети.
Нема ништо останато. Сите паничат и се плашат од коронавирусот а потоа одат во места каде што има толпа народ без маска!
Полиците со паста се празни! Што се случува? Дури ни во втората светска војна немаше ваква паника. Господе боже!
Светската здравствена организација соопшти дека светот треба да преземе повеќе мерки за да се подготви за можна пандемија на коронавирусот, додавајќи сепак дека се уште е премногу рано да се донесе таква одлука. Пандемија се прогласува кога одредена инфективна болест лесно се шири од човек на човек во многу делови од светот.
Случаи на луѓе заразени со коронавирусот, која ја предизвикува респираторната болест Ковид 19 продолжуваат да се шират, при што последни жаришта се Јужна Кореја, Италија и Иран.
Сепак најголем број од случаите се во Кина, каде првично се појави вирусот. Вкупно над 77 000 луѓе се инфицирани со коронавирусот а досега починале 2 600-тини луѓе.
Во 30 други земји во светот, досега се потврдени 1200 случаи како и над 20 починати луѓе.
Теодора Цветковска