
Контрапарада со тапани, молитви и навреди
Црковните ѕвона точно напладне го означија стартот на маршот под мотото „Сведоштво за семејството“, а продолжи со звукот на тапаните низ центарот на Скопје. Со транспаренти в раце од црквата Св. Богородица до храмот Св. Климент Охридски, во првите редови беа свештени лица, организаторите од неколку невладини и деца. Поминаа и покрај местото од каде тргна маршот на гордоста 15-тина минути претходно а завршија со говори на организаторите пред Соборниот храм.
Граѓаните велат дека дошле на маршот затоа што се за семејни вредности и против истополови бракови и посвојување на деца.
Отецот Ивица Тодоров еден од организатори на Граѓанско – верската платформа „Сојуз за живот“, тврди маршот што го предводи не е знак за нетолеранција кон различните, туку промовирање на семејните вредности. Освен од МПЦ на овој марш присуствуваа претставници и од други верски заедници.
А на маршот за традиционално семејство му претходеа ора и песни пред црквата Св Бодородица но и литургија која ја предводеше Владиката Агатангел. Рече дека се моли за оние кои живеат еднополно. Парадата на гордоста ја нарече парада на срамот и со други погрдни имиња а неговите зборови на звучници ечеа и околу црквата.
На почетокот беше потпишана а на крај прочитана пред соборниот храм – Декларација за заштита на бракот и семејството која ќе биде испратена до надлежните и со која меѓу другото се бара со закон да се забрани посвојување на деца од страна на истополови партнери и национална стратегија за заштита на бракот и семејството
Елена Ивановска Мукоска