
Конференција во Солун за перспективите на Западен Балкан во ЕУ
Во рамки на грчката иницијатива за заедничка иднина на балканските земји и Европа, денеска во Солун ќе се одржи Конференција на високо ниво за европските перспективи на Западниот Балкан насловена „Од Солун до Загреб“, на која ќе учествува и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Конференцијата ќе започне со сесија под назив „Унапредување на европската интеграција на Западен Балкан: Актуелни предизвици и перспективи“, по што учесниците на собирот ќе имаат работен ручек на тема „Западен Балкан во Европа: Патот напред“.
Освен Димитров и домаќинот на форумот, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, на Конференцијата ќе учествуваат и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, чија држава е актуелен претседавач со ЕУ, шефовите на дипломатиите на Бугарија, Екатерина Захариева, на Италија, Лујџи ди Мајо, на Косово, Глаук Коњуфца на Словенија, Миро Церар, на Србија, Ивица Дачиќ и на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, вршителот на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Еди Рама, заменик шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ, државната секретарка за европски работи при Министерството за надворешни работи на Романија, Јулија Ралука Матеј, како и генералната секретарка на Европската служба за надворешна политика Хелга Шмид и заменикот генерален директор за проширувањето и соседската политика во Европската комисија.
Како што соопшти организаторот на собирот, грчкото Министерство за надворешни работи, оваа иницијатива претставува кулминација на големиот број иницијативи на Атина за промоција на европскиот пат на сите земји од Западен Балкан.
– Долгорочната позиција на Грција отсекогаш била апсолутно јасна. Цврсто ја поддржуваме европската перспектива на сите земји од регионот, под јасен услов овие држави целосно да ги почитуваат европското законодавство и условите утврдени со пристапниот процес. Покрај тоа, Грција, а особено градот Солун, секогаш се поистоветуваа со европската иднина на балканските земји. Да не заборавиме дека Солунската агенда во 2003 година го отвори патот за новно пристапување кон европското семејство, се наведува во соопштението на грчкото МНР.
Властите во Атина нагласуваат дека конференцијата „Од Солун до Загреб“ претставува „динамично враќање на Грција на Балканот, со што таа ја покажува својата водечка улога во регионот и истовремено придонесува за напорите за ревитализација на процесот на проширување на Европската Унија“.
За значењето на денешната конференција во Солун и за тоа колку таа би можела да придонесе за забрзување на европската перспектива на Скопје и Тирана, дописничката на МИА од Атина побара одговор од портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите одржан минатата среда.
– Мислам дека тоа е уште еден форум, уште една алатка за да можеме да ја развиеме нашата политика што секогаш ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан. Многу е позитивно тоа што (собирот) доаѓа во услови кога се чини дека француската страна, кој имаше важни противења на оваа тема, сега е поотворена за компромис. Секогаш сме со доза на резерва, но сме малку повеќе оптимисти, изјави Пецас.