
Комплетиран составот на кабинетот на Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски ќе го советуваат професори, амбасадори, поранешни министри и искусни советници. Комплетиран е новиот состав на претседателскиот кабинет.
Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољали. Зад себе има 12 годишно искуство како советник во мисијата на НАТО во Скопје.
За прашања од надворешната политика, претседателот ќе го советува амбасадорот Гоце Карајанов. Тој е дипломат од кариера, со дипломатско искуство во Косово и во Русија. Во оваа област како надворешни соработници се ангажирани и поранешните министри за надворешни работи Денко Малески и Александар Димитров.
Билјана Радева е именувана за советничка за односи со јавност. До сега работеше во британската амбасада во Скопје како раководител на Службата за комуникации и дигитална дипломатија. Љуљета Адеми ќе биде задолжена за контакти со лицата со посебни потреби, како и до сега.
Шефица на протокол ќе биде Билјана Мицевска-Јосифовска, која имаше ист ангажман и во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.
Како надворешни соработници, претседателот Пендаровски ќе ги консултира поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска, професорката по казнено право Беса Арифи и амбасадорот Александар Тавчиоски.
Веќе е познато дека во претседателската палата се ангажирани и професорот од Правниот факултет Александар Спасов, како консултант за внатрешна и за надворешна политика, поранешниот портпарол на Владата Миле Бошњаковски како шеф на кабинетот и Катерина Цаневска-Арсовска за односи со јавност.
Претседателот Пендаровски го назначи Ерол Муслиу за нов директор на Агенцијата за разузнавање. Работел во Управата за безбедност и контраразузнавање како и во Агенцијата за разузнавање.
Наредните денови, ќе бидат назначени и членовите на Советот за безбедност.
Соња Николовска