
Компанијата Галф која има бензинска во Скопје и планира нови, во Албанија е под истрага за измама
Нафтената компанија Галф, една од најголемите нафтени компании во Албанија, е под истрага поради шема за измама за продажба на купони, во вредност од 1,5 милиони евра, или 1,85 милиони американски долари, неколку дена пред затворањето на својата дејност. Оваа информација неодамна ја објави кинеската државна новинска агенција, Ксинхуа, откако ваква вест пренесоа поголем број локални медиуми во Албанија, меѓу кои и Тирана тудеј.
Во текстот се наведува дека обвинителството во Тирана го истражува случајот, а главниот осомничен е менаџерот на компанијата, Албано Алико, кој се сомничи за шемата за измама.
„Обвинителството се сомнева дека компанијата Галф намерно продавала повеќе нафта отколку што поседувала, и тоа преку купони. Се верува дека компанијата собрала 1,5 милиони евра со продавање безвредни купони на своите клиенти“, пишува во текстот на Ксинхуа.
Некои клиенти однапред платиле и до 3.000 литри гориво, и останале со безвредни парчиња хартија во своите раце, пишуваат медиумите.
Инаку, компамнијата Галф пред седум месеци влезе на македонскиот пазар, и беше најавена како американска инвестиција. Во октомври лани всушност бензинската станица на компанијата Супер трејд во Скопје, се ребрендираше под името на американскиот нафтен бренд Галф оил. Се најави мрежа на станици под истото име, но немаше информација од каде ќе се набавуваат нафтените деривати. Тогаш беше нмаведено дека Галф влегува како партнер на компанијата Супертрејд, а нашата држава беше пртетставена како втора земја од регионот, каде што е присутен овој бренд. На отворањето беа присутни и политичари, меѓу кои и високи владини функционери.
Ова, пак, ја отвори дилемата дали се прави нов обид за протуркување на албанска нафта на македонскиот пазар, бидејќи главен застапник за Галф оил за Западен Балкан е албанската компанија Сан Петролеум, која веќе има бензиска станица во струшко Радолишта, а со која стопанисува фирма со исто име од Скопје.
Нина Нинеска Фиданоска