Комората бара да се намали акцизата на пиво

Стопанската комора на Македонија бара акцизата на пивото да се намали од четири на три денари за литар алкохолен степен, па наместо 32,5, да изнесува 24,4 евра. Од Комората велат дека производството и продажбата на пиво во изминатите десет години бележи негативен тренд, а најголеми причини за тоа се токму зголемената акциза од 2013 година, но и воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008, како и временото ограничување на продажбата што до скоро беше во сила. Според пресметките на компаниите, ако акцизите не се зголемеа и ако не се воведеше временото ограничување на продажбата, растот на потрошувачката ќе останеше 1,5 – 1,8 проценти и од 2009 до 2014 година на Македонија ќе и донесеше дополнителен приход од 23 до 30 милиони евра.

Анализите на Светската здравствена организација покажале дека високите акцизи водат до зголемување на нерегистрираното производство и трговија. Според комората, следната година се очекува поскапување на пивото за најмалку 5 отсто во светски рамки, поради сушната година и раст на трошоците.

Во Македонија по воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008 година, над 5.500 помали трговски објекти од вкупно регистрираните 13.000 се откажале од оваа дејност со што драстично се намалил вкупниот промет во трговијата на мало.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ