
Комисијата за заразни болести со предлог за повторно воведување полициски час
Заради зголемениот број на ново дијагностицирани случаи со ковид-19 во земјата, денеска Комисијата за заразни ќе и предложи на Владата повторно воведување полициски час на територијата на земјата.
Комисијата препорачува полициски час од четврток (4 јуни) од 21.00 часот до понеделник (8 јуни) до 05.00 часот наутро во Скопје, односно за сите скопски општини, потоа Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. А во сите останати градови, полицискиот час да трае – од четврток (4 јуни) од 21.00 часот до петок (5 јуни) до 05.00 часот наутро. Останатите денови полицискиот час да започнува од 16.00 часот и да трае до следниот ден до 05.00 часот наутро.
Дополнително на денешниот состанок на Комисијата, на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките.