
Комисијата за уставни прашања ја започна седницата со пауза од еден час
Само што почна седницата на Комисијата за уставни прашања дадена е пауза од еден час. Паузата ја побара ВМРО-ДПМНЕ како реакција што нема директен пренос на Собранискиот канал.
На дневен ред е текстот на нацрт амандманите а присутни се речиси сите пратеници, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски. Владата ја претставува премиерот Заев со заменик министерот за надворешни Жерновски.
Предложени се четири нацрт амандмани.
Првиот се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.
Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата.
Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи.
Во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.