
МНР како доверливи ги класифицираше тезите на 10 идни амбасадори
МНР ја затвори Комисијата за надворшени работи на која денеска 10 идни амбасадори на земјава ги бранеа своите тези за функцијата која ќе ја извршуваат. Од Собранието за Телма велат дека Комисијата морале да ја затворат за јавноста бидејќи добиле известување од МНР дека целиот пакет на материјал за тезите на идните амбасадорие се класифицирани како доверливо.
Поради класифицираните информации седницата била закажана вчера по 17.30 од страна на спикерот Талата Џафери, но наместо претседателот на Комисијата Антонио Милошоски или неговата заменичка Магдалена Манаскова, и двајцата од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери ја назначил независната пратеничка Ивана Туфегџиќ да ја води седницата. Објаснувањето е дека Милошоски и Манаскова немаат безбедносен сертификат, а Туфекџиќ има. Досегашната пракса на сослушување на идните амбасадори од страна на Комисијата биле отворени.
„Во минатото точно е дека имало разговори со амбасадори и покрај тоа што имало класифициран материјал, меѓутоа не биле целите тези класифицирани. Имало делови на класификација и во моментот ако треба да му поставите прашање што се однесува на класифицираниот материјал, седницата се затвора. Меѓутоа овдека беше, јас колку што сум информирана од претседателот на Собрание, друг случај и натаму ве упатувам кон МНР“, изјави Туфегџиќ.
Од МНР попладнево соопштија дека исклучувањето на јавноста од седницата на Комисијата не било одлука, ниту намера на Министерството, но оти во техничката операционализација, тезите биле доставени како доверли, како што биле третирани и во МНР.
„За време на презентацијата на тезите пред колегиумот во Министерството, беше оценето дека одредени теми се од сензитивна природа и оттука потребата за соодветен степен на доверливост. Тоа, по автоматизам, повлекло надлежните служби во Собранието да оценат дека е потребен одреден степен на доверливост при презентацијата на тезите“, се вели во соопштението од МНР.
На безбедносно калсифицирање на седницата и поради тоа негово отсранување од неа реагираше Милошоски, велејќи дека никогаш досега не се случило биографиите и тезите на амбасадорите да бидат класифицирани, а дел од пратениците и јавноста, како даночни обврзници да бидат исклучени и да не знаат кого ќе го плаќаат и на кој начин ќе не претставуваат во светот. Тој на својот фејсбук профил напиша:
„Праќаме амбасадори во светски центри со класифицирани биографии и тези. Ова е срамна порака и до земјите каде се испраќаат овие амбасадори. Дали со ова покажуваме дека праќаме несоодветни лица, дали е точно дека двајца од амбасадорите не ги исполнуваат сите законски услови за да бидат упатени, или пак имаме скриена дипломатија кон традиционалните сојузници како Германија, Шпанија, Австрија, но и сите други земји?“.
Десетте идни амбасадори се Игор Џундев во меѓународна организација во Виена, Горан Стевчевски во Унгарија, Оливер Крлиу во Мадрид, Никола Колев во Австрија, Абдулкадар Мемеди во Обединтетите Арапски Емирати, Сузана Зеленковска, во Словенија, Екрем Ебиби во Босна и Херцеговина, Рамадан Назифи во Германија, Крум Ефремов во Украина и Мира Крајачиќ како амбасадор во Шведска.
На комисијата присуствуваа пет пратеници кои поседуваа сертификат за класифицирани информации, но не и членовите од ВМРО-ДПМНЕ, кои од револт ја напуштија седницата. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за затворањето на седницата со став дека е очигледно дека парламентарното мнозинство сака нешто да сокрие од очите на јавноста.
Тамара Грнчароска