
Комисија за деловнички и мандатно имунитетни ќе му предложи на Собранието да му се одземе мандатот на Никола Груевски
Никола Груевски беше поканет но не дојде на седницата да ги слушне причините поради кои се бара да му се одземе мандатот. Во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обрати Трајко Вељановски кој рече дека се работи за политички монтиран процес а во пресудата немало никаков доказ дека осудениот Груевски ја злоупотребил службената положба, направил штета за државата или пак земал пари.
По говорот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на комисијата. Александар Кирацовски од СДСМ ги отфрли обвинувањата за политички прогон и притисоци. Со правосилната одлука и упатниот акт за издржување казна затвор од 2 години во случајот „Тенк“, исцрпени се сите аспекти на пресумпција на невиност, со што Никола Груевски станува недостоен да биде дел од законодавниот дом, рече Кирацовски. Претседателот на комисијата Павле Богоевски упати апел ова да биде поука до сите идни функционери.
Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека одржувањето на комисијата е избрзано.
Комисијата ќе му достави извештај на Собранието со предлог да му се одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски. Но за ова потребно е 2/3 мнозинство, што во моментов според изјаснувањето на пратениците не може да се обезбеди. Без оглед на епилогот во Собранието, и одлуката која ќе ја донесе, тоа не е пречка Груевски да се јави на издржување затворската казна.
Јулијана Пешевска