Командант Хоџа во владата за 600 евра плата

За Џезаир Шаќири, алијас командант Хоџа, јавноста прв пат дозна на 17 февруари 2001 година, кога екипа на А1 телевизија,  беше киднапирана, на северната граница со Косово. Неколку часа беа заложници на Хоџа, кој со калашњиков во рацете, облечен во униформа на УЧК, тврдеше дека се бори за слобода и права на Албанците во Македонија. Екипата подоцна е ослободена, а веќе следниот ден во Македонија почна војната.

Следните месеци, Шаќири дејствуваше на територијата на Куманово, Липково и Арачиново, како командант на ОНА. Во јули 2001-та година е ставен на македонската црна листа на граѓани, а истиот месец се најде и на црната листа на американскиот претседател Џорџ Буш. По крајот на конфликтот, е амнестиран со новиот закон за амнестија. По војната, стана пратеник во Собранието на Република Македонија. Според собраниската биографија, има средно образование и зборува три странски јазици.

Шест години подоцна, повторно се одметна и објави независност и припојување кон Косово на селото Танушевци во кое е роден. Упати остри пораки до тогашниот министер за одбрана, Лазар Еленовски, кој изјави дека ако треба, и војската ќе го штити територијалниот интегритет на државата. Пораката на командант Хоџа беше: „Еленовски е градско дете, не може да ме победи. Можам и него, како и армиските генерали од 2001 да ги научам како се држи пушка“.

Тврдеше дека има воен штаб, составен од поранешни команданди на ОНА и доволно муниција за борба. По оваа изјава, тогаш опозициската СДСМ, ја обвини владата на ВМРО ДПМНЕ дека не смее да влезе во Танушевци, а претседателот на државата, Бранко Црвенковски, ги повика МВР и одбраната, да преземат мерки и да обезбедат контрола над целата територија на државата, без никаков исклучок.

Но, ситуацијата остана иста, а последните години Шаќири само одвреме навреме се појавуваше во јавност со радикални изјави против Македонците. Деновиве партискиот наследник на Црвенковски, Зоран Заев, го реши проблемот поинаку. Го симна командант Хоџа од планините и го вработи во својот кабинет, за плата од 600 евра, иако има само средно образование. Потврди дека имал контакти со Шаќири уште кога беа во опозиција. Откако дојдоа на власт, првин неговите соработници контактирале со него, а подоцна доаѓал и во владата, каде заедно пиеле кафе. Не давајќи објаснување за квалификациите на Шаќири, премиерот вели дека високата плата ја добил за да го издржува многудетното семејство.

Денеска и од владата ја потврдија позицијата на Шаќири.

Шаќири, пак, на фејсбук ги негираше шпекулациите дека ова е пазар за гласовите што СДСМ ги доби на последните избори во овие места, пишувајќи  дека „ја добил функцијата за да преживее“.

Политичките аналитичари се затечени  од постапката на Заев. Велат дека не постои повисока цел и оправдување за примањето на Шаќири за советник во владата.

Благоја Марковски, воено-политички аналитичар, ги повикува интелектуалците да го дигнат гласот против оваа постапка, затоа што, вели, ова е навреда за интелектуалната и стручната елита и лоша порака за граѓаните дека на цена е радикалноста и асоцијалноста.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ