Колку вода и адитиви има во меленото и плескавиците – ќе знаеме од први мај

Што точно има во пакуваното мелено месо, полуготовите ќебапи и плескавици во месарниците и во сувомесните производи, потрошувачите ќе можат точно да прочитаат во декларациите од први мај, кога стапува во сила новиот Правилник.

Со него детално се уредува кои категории месо можат да се користат, а во декларациите да има точни информации колкав е процентот на вода, какви се протеините, колку и какви адитиви содржи производот, но и за неговото потекло, и дали е добиен од свежо или од замрзнато месо.

Целта е да нема злоупотреби, граѓаните точно да знаат колку е квалитетна храната што се продава.

„Клучниот дел е во определувањето колку од вкупните протеини што се животински се колаген, бидејќи колагените се со пониска нутритивна вредност, и овде може да се стекне одредена економска добивка, преку вметнување на повеќе колагени, да ви се прикажат како протеини. Другиот дел е што во декларациите го немаше процентот на вода, знаеме дека со додавањето на вода имаше класични злоупотреби, плаќаме месо, а добиваме вода“, вели Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

На инспекторите на АХВ им се дадени точни инструкции, од први мај ќе следуваат зајакнати контроли, а месарниците и фабриките за сувомесни што нема да имаат прецизни декларации, ризикуваат да заработат казни од 500 до 1.500 евра.

И досега за меленото месо мораше да се прецизира колку говедско или свинско содржи, од еснафот велат – кога потрошувачот сака да купи евтино, треба да е свесен дека има додатоци кои морало да бидат наведени. Но, признваат дека одредени месарници правеле малверзации, се ставал и желудник во меленото, затоа сега точно ќе се утврди кои категории месо смеат да се стават.

„Досега, користејќи ги сродните и другите називи, неколку оператори користеа заобиколување и ставаа одредени други категории месо, конкретно најнмогу желудникот“, вели Гоце Трајчев, Групација на производители и преработувачи на месо.

За Организацијата на потрошувачи битно е што сега за замрзнатото месо точно ќе се знае датумот кога е замрзнато, а не само кога е спакувано, но и до кој датум тоа е употребливо.

„Ние бараме квалитетот да биде деклариран, да може да се чита, но и да биде безбедно, а ова се критериуми кои гарантираат безбедност, а ако потрошувачот ја чува храната несоодветно, ако ја одмрзнува па пак ја замрзнувфа, треба да се едуција“, вели Маријана Лончар Велковска, од организација на потрошувачи.

Рестораните и натаму не мора да даваат декларации, граѓаните од нив и најмалку се жалеле, иако, се прават контроли, а клиентот, ако не е задоволен, може да ја врати храната.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ