Колку сме (не)писмени?

Најниска стапка на деца запишани во основно и средно образование во регионот како и повеќе од 40 илјади неписмени луѓе во Македонија. На 24 мај, денот на словенските просветители Кирил и Методиј, образованието во земјата се наоѓа во лоша состојба.

„Едно е статусот на професијата учител во општеството, изборот на луѓе. Друго е работата на наставникот и ученикот. Друго се условите за работа во делот на лаборатории, просторни услови на наставниците. Што е тоа што се случува со воспитната компонента?!“, вели Кирил Барбареев – Проректор на Универзитетот Гоце Делчев – Штип.

На почетокот на мај, Собранието изгласа нов закон за високо образование. Во промените е вклучен нов начин на студентско организирање, нови институции кои ќе го проверуваат квалитетот и работата на високообразовните институции, повеќе надлежности добиваат професорите, а слабее моќта и се намалуваат мандатите на деканите и на ректорите – од четири на три години.

Просветните работници се свесни за лошата состојба во која се наоѓа образованието во земјата и самите тие повикуваат на промени.

„Не може човек да зборува за реформи ако се спомене само дека часовите ќе се намалеле еден час помалку или дека ќе се направат некакви мали структурни промени во процесот на работа. Тоа е во ред. Јас верувам дека тоа на долги стази може да даде некаков резултат“, додава Барбарев.

Во центарот на Скопје денес осамна инсталација составена од молив и хартија со цел да се симболизира писменоста.

Освен најниска стапка на деца вклучени во образовниот процес, младината нема умешност за работа со компјутер, како и разговорно познавање на некој странски јазик. Ова го пишува на инсталацијата како показател на лошата состојба во образованието. Две третини од младите се функционално неписмени. Таквата статистика ја вбројува Македонија на 68 место од 70 земји во светот, а зад нас се само Косово и Доминиканска Република.

„Свестете се, ние ја описменивме половина Европа, а вие не можете ниту нашата Македонија“ е една од највпечатливите пораки испратени од креаторите на инсталацијата, на денот на словенските просветители.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ