Колку е голема економската опасност од политичката криза со Русија?

Можно ли е политичката напрагнатост која деновиве постои на релација Македонија со Русија, по протерувањето на рускиот дипломат, да ги влоши економските односи меѓу двете земји, колку е оваа држава за нас значаен трговски партнер и инвеститор, дали и кои гранки би биле погодени доколку одлучи да воведе економски санкции.

Што покажува статистиката? Во минатата година, според обемот на трговската размена, Русија била меѓу дваесетте наши најголеми партнери, се наоѓа на 18-тото место. Вкупната размена меѓу двете земји лани била на ниво од 203 милиони долари, но од нив нашиот извоз таму е само една четвртина, 54 милиони. За споредба, пак, со нашиот најголем трговски партнер, Германија, во 2017 вкупната размена изнесувала 3,6 милијарди долари, но од нив на извоз отпаѓаат дури 2,7 милијарди долари, значи имаме огромен трговски суфицит со таа земја.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека од 2007 до 2012 размената со Русија е со варијабилна стапка, највисокиот износ бил евидентиран во 2008, дури 964 милиони долари, но со реализирани 396 милиони во 2012, почнува трендот на опаѓање на размената, поради намаленување на увозот на руски производи. Извозот бил делумно константен, но лани бил најголем во изминатите години, со раст за 10,6 отсто во однос на претходната година.

„Сепак, во вкупната стокова размена со Русија, од 2007 до 2017, нашата земја е во постојан трговски дефицит, кој највисокото ниво го достигна во 2008 во износ од 903,6 милиони долари, а најнискиот дефицит е забележан во 2016 и во 2017, во износ од 94 милиони долари на годишно ниво“, велат од Стопанската комора на Македопнија.

Нашата земја во Русија најмногу извезува раноградинарски култури, лекови, зеленчук и овошје, тутун, а во последно време и електричните акумулатори имаат значаен удел. Овие гранки би биле најпогодени доколку бидат воведени економскми санкции.

Вкупните инвестиции, пак, од Русија, во периодот 2010 до 2017 година изнесувале 44,5 милиони евра. Најмногу капитал бил вложен во 2015, нешто над 18 милиони евра.

Постои ли опасност од гасна криза во земјава? Митко Андреевски, енергетски експерт, го кажува својот личен став дека не очекува да настане било каков проблем во снабдувањето со природен гас во земјава, кој доаѓа од руската компанија Гаспром.

„Билатерален договор меѓу Македонија и Гаспром не постои. Постои меѓу компанија која се занимава со трговија со природен гас, и Гаспром. Во случај да се повлече било каков нерационален чекор, тогаш таа компанија има право да ги надомести штетите кои би настанале од такво нешто, но ќе потенцирам, јас не очекувам да настане било како0в проблем во снабдувањето со природен гас“, вели Андреевски.

Тој вели дека неколку компании во околината на Скопје работат на природен гас, но претежно го користат за загревање, а дел и за технолошкиот процес.

„Но, како и да е, да речеме дека би се случила некаква криза, сите тие имаат Б варијанта за замена на природниот гас со друг вид на енергенс, нивните постројки се така прилагодени, а и законска обврска им е да го имаат тој тип на снабдување, во случај доколку дојде до неиспорака на природен гас од било кои причини, тоа го имавме и во 2006 и 2008 година“, вели Андреевски.

Македонија, вели, размислува на долг рок да обезбеди и алтернативен приклучок на природен гас, кој не би зависел од руската компанија Гаспром. Станува збор за приклучок кон Грција, тоа би и овозможило безбеден втор снабдувач.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ