Македонија Коледарска песна ги разбуди скопјани
Со песната на коледарите, нивните измрзнати рачиња и топли насмевски во раните утрински часови започна традиционалното бадникување. Нивната песна ги отвори вратите на многумина, посакувајќи им здравје и бериќет.
Бадник традиционално и оваа година беше оддбележан со Собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Присутните граѓани имаа можност да ги пречекаат стариот и новиот кум, по што во Соборниот храм се одржа свечен чин каде архиепископот охридски и македонски г. г Стефан ја одржа традиционалната беседа.
Со молитва и благодарност пред Бога со кум и со народ со заедничка желба за мир и разбирање за љубов и единство меѓу нашиот народ и со сите луѓе со добра волја со молитвена порака утре родениот богомладенец постојано да се раѓа во нашите души честито на кумовите и на сите што празнуваат,
порача архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Да се почитува традиција е многу благородна работа, но да се гради традиција е уште поблагородно, порача годинашниот кум Антони Пешев.
Живееме во свет на кој му треба нешто што е посилно од индивидуалното, а тоа можеме да го направиме со овој тип на случувања кога ја обединуваме целата енергија позитивна која ни е потребна. Знаете нација без традиција не е нација. Сакам да ви кажам дека сум горд што сум дел од овој народ,
изјави кумот Пешев.
Застанат пред Соборниот храм кој го носи името на Св. Климент не можам да не го истакнам неговото значење заедно со неговиот духовен брат Св. Наум, рече годинашниот здравичар Климе Коробар.
Тие ги поставија идентитетските столбови на цврсти темели за што треба да сме горди посебно денес кога нашето, како би рекол големиот Блаже Конески „смачкано племе“, од секаде притиснато, неправедно доведено дури и во апсурдна ситуација да го брани сопствениот идентитет,
порача здравичарот Коробар.
Бадниковата вечер и Божиќ се ретка можност за зближување со семејството и пријателите и токму затоа тие имаат посебна важност за многумина. Во рамките на прославата на Бадник и Божиќ низ улиците на сите градови во Македонија и годинава се одржа манифестацијата „Бадникови поворки“ на кој во Скопје земаа учество 10.000 деца. Граѓаните се подготвуваат за утрешната прослава на Божиќ, најголемиот христијански празник со надеж за здравје и многу радости во годината која претстои.
Нина Стефанова



