Кој повеќе мисли на пензионерите – власта и опозицијата пак во клинч

Пензиите повторно причина за препирка меѓу власта и опозицијата. Годинава пензионерите ќе бидат во загуба меѓу 300 до 700 денари, поради пензиската реформа со која Владата стартуваше од почетокот на годинава. Ова обвинување денеска го испорача опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде тврдат дека со новата методологија на усогласување на пензиите, со која зголемувањето се прави само врз основа на порастот на трошоците на живот, а не и на зголемувањето на платите како што беше во претходниот период, Владата нанмесува сериозен удар врз животниот стандард на пензионерите. Од партијата велат дека највозрасните граѓани, веќе со исплатата на мартовската пензија, се уверија дека во иднина минимално ќе растат нивните примања.

  • И самите пензионери увидоа дека и покрај онаа разлики за трите месеци дека има минимално зголемување на пензиите од 0,7 отсто што еве да речеме на пензија е просечно од околу 15.000 денари значи некаде околу 100 денари. Доколку останеше старото законско решение усогласувањето требаше да биде 1,83 отсто, односно пензионерите се закинати за повеќе од еден процентен поен, што значи дека доколку оваа тенденција продолжи во текот на годината, тие месечната пензија ќе ја примаат во помал износ од оној што можеше да се добие со старото решение, некаде од 300 до 700 денари“, вели Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека на пензионерите нема ништо да им значи ни фактот што во новиот начин на пресметка власта го вметна условот дека ако економијата порасне за над 4 отсто, ќе има додатно зголемување на пензиите, од причина што, вели Славески, толку висока стапка на раст не предвидува дури ни Владата, а ниту меѓународните финансиски институции.

Владејачката СДСМ возвраќа дека дека новата пензиска реформа обезбедува и редовни и повисоки пензии, а таа ќе помогне и за стабилизирање на пензискиот фонд, во кој, тврдат, благодарение на расипничките и криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ, беше оставен долг од 15 милијардои денари. Опозициските обвинувања ги нарекуваат манипулации.

  • Ако некој ги кратеше пензиите, тоа беше ВМРО-ДПМНЕ како претходна власт која правеше усогласувања надвор од законската рамка и не им го исплаќаше целото покачување на пензионерите кое им следуваше со Закон. Владата на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговара за дефицитот на ПИОМ, кој од 2 милијарди во 2006 достигна 19 милијарди во 2017 година. Овој дефицит го плаќаат граѓаните“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Пензионерите со различни ставови, некои се жалат, други се задоволни.

Кога на крајот на минатата година законски се воведе новиот начин на пресметка, од Министерството за труд објаснија дека пензиската реформа е неопходна за да се обезбеди одржливост на пензискиот систем, а притоа да не мора да се зголемува старосната граница за заминување во пензија.

 

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ