Кој ќе ја испитува крвта на македонските граѓани за 36 милиони евра?

Во строгиот центар на Скопје во зградата позната како Градски ѕид е седиштето на фирмата Ахр Лаб, која е единствена пријавена на 36 милиона евра тешкиот тендер во Министерството за здравство. Со тендерот се купува лабораториска опрема за биохемиски анализи на крвта на пациентите во државното здравство која според новите здравствени реформи ќе се одвива во 12 централизирани лаборатории. Тука конкурира фирмата Арх Лаб која е формирана пред 4 месеци, на адреса Васил Главинов 3/1-1.

На терен нема таква фирма, а на таа адреса се заведени повеќе адвокатски канцеларии. Иван Поповски, Филип Медарски, Дори Кимова, Емил Мифтари. Сите тие се водат на иста адреса како и новоформираната фирма (со основачки капитал од само 5.000 евра) која според повеќе медиуми е единствен конкурент за тендер од 36 милиони евра. Најголемиот дел од канцелариите се затворени, но по разговор со неколкумина од нив откриваме дека адвокатската канцеларија Емил Мифтари ја регистрирала фирмата Ахр лаб.

Мифтари телефонски ни изјави дека Предраг Петриќ (сопственик на Арх лаб, кој е жител на Нови Сад, Србија) бил во негова канцеларија и доставил документи да ја отвори Ахр лаб.

„Никогаш не сум давал адреса за да се пријави фирма. Тие замолија да бидат впишани на адресата додека најдат канцеларија и јас за првпат дозволив, а тие многу бргу да се префрлат“, вели Мифтари.

Управител на фирмата Ахр Лаб е Александар Јовановски од Скопје. Тој е на одмор, а телефонски ни тврди дека новоформираната фирма Ахр не е учесник во тендерот, туку подизведувач, а на тендерот конкурирала меѓународната фирма Абот.

„Направив преддоговор со Абот за транспорт на материјали за анализа. Ниту сум давал банкарски гаранции ниту сум конкурирал на тендерот. Конкурираше Абот. Бараа „чиста“ фирма која не учествувала на други тендери за да нема критики. Сите записници од отворањето на тендерот на која беа и невладини организации ќе ги презентирам во понеделник“, ни изјави Јовановски.

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ постапката ја оцени како скандал, во кој власта прави огромни тендери не водејќи сметка за здравјето на граѓаните чија крв ќе ја шета низ Македонија за анализи.

Премиерот Заев денеска беше во Гевгелија на проектот Конско, но не застана да одговори на новинарски прашања. Министерот за здравство Филипче ни се јави телефонски и тврди дека доколку здравствено, професионално и морално не е прифатлив концептот за централизирани лаборатории за анализи на крв, тој нема да се спроведе.

„Договор уште не е потпишан, уште трае евалуација на понудата. Доколку има било какви  сомнежи и за квалитетот на услугата и за тендерот, тој нема да се реализира“, вели министерот Филипче.

Македонија годишно троши околу 12 милиони евра за анализи. Министерот Филипче тврди дека со новиот начин на работа ќе има заштеди. Од друга страна противниците на новиот концепт сметаат дека граѓаните ќе претрпат најмногу, ќе добиваат поспори биохемиски анализи важни за нивното лекување, а трошоците од буџетот нема да се намалат.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ