Кој ќе го собере „кајмакот” од спорот меѓу Косово и Србија?

Спорот меѓу Косово и Србија околу зголемените царини нема да и донесе придобивки на Македонија и нема да влијае на продажните цени на земјоделските производи. Асоцијацијата на земјоделци апелира да се почитува ЦЕФТА договорот бидејки од ваквите спорови страдаат граѓаните а заработуваат трговците.

„Профит не треба да се прави на туѓа несреќа туку со квалитетни и прифатливи цени да го освојуваме Косовскиот пазар. Од ова ќе заработат трговците кои Македонија ќе ја искористата како транзитна земја, па српските производи ќе ги извезуваат на Косово како македонски. Така не се градат добрососедски односи“, кажа Ефтим Шаклев од Асоцијација на земјоделци.

Според Владата високите царини ќе донесат краткорочни придобивки, но Македонија како членка на ЦЕФТА не треба преку царински бариери и спорови помеѓу други земји да гледа можност за освојување на пазарите и зголемен извоз.

„Ние ја правиме нашата конкурентноста на компаниите и производите врз основа на тоа колку се конкурентни на пазарот. Владата е посветена да ги зголеми капацитетите на фирмите, а не да добиваме краткорочно од спорови на други држави, кажа Крешник Бектеши – Министер за економија.

„Ова може да краткорочно, и не е решение за нашата конкурентност и застапеност на производите. Може да се очекува македонските земјоделски производи кои веќе ги имаме на пазарот во Косово да бидат позастапени, но сепак тоа да го оставиме на компании кои извезуваат“, соопштија од Министерство за земјоделие.

Иако земјите од регионот се потписници на договорот за слободна трговија, во текот на летото Косово ја спушти рампата за дел од македонските производи со што нанесе огромни штети за земјоделците. Според статистиките Србија во Косово извезува стока во вредност од 443 милиони евра или речиси половина повеќе од производите кои таму ги извезува Македонија. Официјална Приштина воведе за 100 % повисоки царини само еден ден по неуспехот Косово да стане членка на Интерпол.

Од Србија нема најава за реципрочни мерки. Косовскиот премиер Харадинај порача дека царините нема да се намалат се дури Србија не го признае Косово, а Брисел побара повлекување на мерката и воздржување од провокации. Косовските медиуми пишуваат дека по одлуката за повисоки царини, за околу 30 % поскапеле лебот, брашното, зејтинот, солта и шеќерот.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ