
Кој ја загадува Брегалница?
Инспекторите излегоа на терен за да откријат, кој е загадувачот на реката Брегалница во штипскиот регион, а која пред два дена беше обоена од тешки хемикалии, кои се користат во индустријата. Инспекторите, анализите и истрагата ја насочуваат кон пет фабрики кои работат во кругот на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“. Резултатите ќе се знаат наредната недела.
Штипските риболовци веќе шеста година по ред реагираат на постојаното загадување на најголемата река на истокот, но како што велат не се преземаат мерки против оние кои ја обојуваат реката. Водата во реката Брегалница е од петта категорија. Од Министерството за животна средина најавија дека ќе ги засилат контролите по реките, а оваа година државниот инспекторат за животна средина и добил повеќе пари за да биде ефикасен на терен.
Засега грижа за поголема заштита на реката Брегалница и на нејзините притоки покажува швајцарската Агенција за развој и соработка. Со нивни донации се изградија пречистителни станици во општините Берово, Карбинци и Чешиново Облешево, во моментов се гради и во Кочани. Најновите истражувања покажуваат дека земјава е далеку од европските стандарди за заштита на водите, само 4 % поминуваат низ пречистителни станици, останатите 96 % од отпадни води директно завршуваат во македонските реки и притоки. Штип и Охрид ќе им бидат прикажани и показни вежби на полициските припадници.
Викторија Димитрова Јованова