
Кој и дали ги злоупотребувал списоците со гости на опозицијата во парламентот!?
При секое влегување во Собранието, гостите се должни да ги остават своите лични податоци, како и да наведат кај кого одат и зошто? Евиденцијата ја врши собраниското обезбедување, што е под надлежност на МВР, а списоците по правило треба да останат за внатрешна употреба. Но, дали е навистина така или некој ги злоупотребува за поинакви цели?
Пратеникот Илија Димовски, вчера обвини дека во последните месеци овие списоци се препраќаат по државните институции, за да се види кои службеници кај кого биле на гости во Собранието. Но, министерот за внатрешни работи, чија служба ја води оваа евиденција, вели дека има попаметна работа.
Димовски обвинува дека под посебен надзор се гостите кај опозициските пратеници кои се „кодошат“ кај нивните претпоставени и подоцна имаат проблеми поради тоа.
Претседателот на Собранието, пак, го упати Димовски, ако има докази за злоупотреби со списоците, да ги достави до надлежните органи.
Џафери потенцира дека Собранието е дом на граѓаните и секој може да дојде ако има потреба да се сретне со некој од пратениците. Обезбедувањето има обврска да води евиденција за посетите и тоа е пропишано според правилникот за внатрешен ред.
Далиборка Дамјанска Цветановска