Кој е виновен за растот на кривата и новите жртви на Ковид 19, партиска мета Комисијата за заразни болести и министерот Чулев  

Власта е најодговорна за ескалацијата на епидемијата, а комисијата за заразни болести треба да биде разрешена и сменета затоа што работи по политички диктат на Заев, обвини лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

-Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. И да точно е, јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација. Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци кои нема да се водат од политичките туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кој народот ќе биде сигурен, изјави Мицкоски.

И додека Мицкоски го фали министерот за внатрешни предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев затоа што и покрај како што тврди пречките од власта работел и професионално и со резултати- власта пак има сосема спротивен став.

Според СДСМ, Чулев е тој што треба да си поднесе оставка затоа што сметаат дека не постапувал за спроведување на мерките поради што се шири епидемијата. „Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести, која наместо да ја поддржат бараат разрешување и со тоа  сакаат да ги остават граѓаните на цедило, обвинуваат од владеачката партија.

-Додека министерот за здравство Венко Филипче три месеци го мобилизира здравствениот систем за успешна борба против вирусот, додека Владата предводена од СДСМ воведува мерки за заштита од ковид-19, Наќе Чулев извршува партиски наредби и придонесува за зголемување на бројот на заразени, соопштија од СДСМ.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов (СДСМ) смета дека објавите на Чулев дека нема да казнува придонеле за „опуштеното однесување“ на граѓаните.

Спомнатиот, од Мицкоски, епидемиолог Жарко Караџовски воопшто не сакаше да го коментира неговото барање. Директорот на здравствениот дом Скопје Виктор Исјановски кој по функција е член на комисијата за заразни болести вели дека се што треба сторил во рамки на својата институција. Директорот на клиника Козле ни рече дека  информации за комисијата треба да се бараат во министерството.

Ескалирањето и зголемувањето на бројот на заболени и на починати од Ковид 19 во комбинација со опуштање на превентивните мерки ги зголеми тензиите и обвинувањата меѓу двете политички партии.

И додека власта смета дека граѓаните треба да помогнат и да се придржуваат до мерките, опозицијата обвинува дека власта неуспешно ја трга одговорноста од себе, а граѓаните ги почитуваат мерките, во што Мицкоски се уверил при посета на Тетово кога гостувал на ТВ интервју во време на полициски час.

– Им симнувам капа на граѓаните кои беа поодговорни од политичарите вклучително и мене, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Последните 24 часа вкупно МВР открило 562-ца граѓани кои не ги почитувале мерките, а двајца кои требало да седат во изолација и самоизиолација не биле на домашната адреса.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ