Кој е новиот началник на Бирото за јавна безбедност, најважниот полициски сектор на МВР?

Сашо Тасевски, полицискиот телохранител кој помогна во спасувањето на животите на нападнатите пратеници на Крвавиот четврток ќе биде назначен за нов директор на Бирото за јавна безбедност. По нападот врз Собранието на 27 април ова е второ унапредување за полицискиот службеник кој досега беше началник на шестата управа при МВР.

Тој доаѓа на местото на разрешениот директор на БЈБ Лазе Велковски поради несоодветната употреба на службено теренско возило на МВР кое беше забележано во туристичко место во Грција.

Јавноста Тасевслки најмногу го памети за време на инцидентите во Собранието. Тој го извади службениот пиштол и за да ги предупреди напаѓачите, но таа постапка не ги спречи да упаднат во прес салата на собранието. Таму жестоко ги нападнаа пратениците и новинарите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикува изборот на Тасевски со кого власта според нив продолжува со ангажирање партиски кадри во МВР.

Сашо Тасевски инаку е магистер по безбедност и докторанд на Факултетот за безбедност. Кариерата ја започнал како специјалец во единицата Тигар. Од 2001 година има работено кај екс претседателот Црвенковски, во одделот за странски делегации, потоа кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Секторот кој ќе го раководи е еден од најзначајните во МВР, директно задолжен за водење на полициските работи. Директорот на БЈБ го именува и разрешува Владата, а има мандат од 4 години.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ