
Кои службени лица му помогнаа на Груевски да избега?
Јавното обвинителство и МВР отворија постапки за да откријат како избегал Груевски од земјава, кој му помогнал и кои службени лица треба да сносат одговорност.
Основното јавно обвинителство за организиран криминал соопшти дека почнува предистражна постапка, дека е оформен предмет по допрен глас кај надлежен обвинител и дека е издадена наредба за прибирање податоци.
Постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Македонија, велат од ОЈО.
Во МВР се отворени две постапки: едната проверува дали имало помагачи меѓу полицајците, а другата-како се случило бегството и со чија помош.
Експертската јавност без двоумење посочи дека постои одговорност и во МВР и во судот.
Група од 14 граѓански организации се придружи кон јавната осуда на пропустите и неажурноста кај институциите и побара итни и темелни истраги. Прво, за постапувањето на Основниот суд Скопје 1, кој чекал од сабота до понеделник попладне за да издаде наредба за приведување во затвор и за национална потерница, но и за МВР, бидејќи лицата задолжени за обезбедување не смееле да не бидат во контакт со Груевски од 8 до 12 ноември. Невладините бараат преиспитување на функционалноста и координираноста на органите на прогонот, граничните служби и судските власти.
Соња Николовска