Кога државата ги зголемува даноците, фирмите да знаат половина година претходно

И најголемата домашна комора со барање до власта – сите даночни промени, особено зголемувања на даноците, да се усвојуваат и објавуваат најдоцна до 30 јуни во тековната година, а да почнат да се применуваат од стартот на наредната и да не се менуваат цела година. Бизнисмените бараат државата да воведе даночен календар, со што ќе имаат барем по половина година да се прилагодат и да бидат заштитени од ад хок новини. Ова доаѓа откако лани Владата во последен момент одлучи да го воведе прогресиовниот данок од почетокот на 2019. Компаниите веќе ги имаа направено своите бизнис планови, па даночната реформа ги принуди набрзина да ги менуваат, а тоа ги изложи на додатни трошоци. Исклучок би биле само намалувања на даночните обврски, тие се позитивни за фирмите и би можеле да стапат на сила веднаш.

„Кога ќе знае бизнис секторот дека заклучно со 30 јуни во тековната календарска година се донесени сите измени кои ќе следат во даночната сфера, целата втора половина од годината, ќе може да се подготви за измените и да ги вгради во бизнис плановите за наредната календарска година, и ќе знае дека новите даночни услови ќе важат во текот на целата календарска година“, вели Зоран Јовановски, главен советник на Управен одбор на Стопанска комора на Македонија.

Само така ќе се тргне опасноста од непредвидлив деловен амбиент, тој ќе стане извесен и стабилен, а фирмите навреме ќе знаат дали им се исплати да влезат во нови инвестици и да отворат работни места. Тоа ќе ја натера и власта правилно да ги планира даночните приходи и да не си дозволува да прави нагли промени во текот на годината. Откако и Управниот одбор на комората ќе даде зелено светло за начинот на примена, предлогот и формално ќе биде доставен до Владата, велат нема причина таа да не го прифати, бидејќи ова нема да го оптовари државниот буџет.

Од комората сепак немаат информации дали конкретно некоја инвестиција била одложена заради воведувањето на прогресивниот данок.

Персоналецот, пак, веќе донесе повеќе пари во буџетот, во јануари годинава приходите од тој данок се повисоки за околу 14 отсто во однос на истиот месец лани. Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска изјави дека ова барање е логично но е во ингеренции во Министерството за финансии, кога ќе го добие Владата соодветно ќе го разгледа.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ