Кога 55 проценти од младите се невработени, значи дека условите за работа се многу тешки

Намалувањето на невработеноста на младите, постигнување на дијалог меѓу работодавците и синдикатите и усогласување на Законот за работни односи со европската регулатива се дел од проблемите, кои треба да се решат со поглавјето 19 за пристапните преговори за влез во ЕУ. Тим од експерти во рамките на националната комисија на терен работи на оваа проблематика заедно со синдикатите, реалниот и невладиниот сектор.

Ние имаме висока стапка на невработени млади и тоа е некаде околу 55 проценти, што е навистина многу висока. Се обидуваме да видиме каде се вистинските проблеми за вработување на младите, за да не ја напуштат нашата држава или да се вратат назад, вели Милева Ѓуровска координатор на Национална комисија.

Со ова поглавје бремените жени, но и работниците, коишто имаат болен член во семејството ќе добијат флесибилно работно време, а ќе бидат опфатени и оние, кои работат од дома,  кои кај нас ги има, но ги нема  во Законот за работни односи. Европската регулатива предвидува усогласување на семејните со работните обврски.

Ако имате мотивирани работници имате поголема продуктивност. Работодавците не смеаат да заборават дека кога се работи и се живее, порачува Ѓуровска.

Во оваа тема се опфаќа модерниот начин на живот, можеби во оваа најзагрозени не се работниците, коишто работат во фабрика, туку самовработените, самостојните вршители на дејност коишто работат и по 12 часа на ден и коишто доброволно не земаат одмор, бидејќи знаат и се мотивирани да заработат повеќе. Јас се надевам дека ЕУ ќе работи на оваа тема и понатаму, вели Ангел Димитров претседател на Организација на работодавачи.

Нацрт законот за работни односи се уште не е влезен во собраниска процедура, токму поради овие дебати и усогласувања со европската регулатива. Експертите забележуваат дека новиот закон мора да биде применлив, но и во него да нема дупки, со коишто некој би ги злопуотребил на штета на работничките права или на работодавците.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ