
КОД: Наместен за поткуп тврди командирот на кичевска полиција кој пред 11 години ги реши сериските убиства на Танески
Поранешен полициски началник од Кичево кој е суден за поткуп тврди дека е наместен затоа што работел на истрага со злоупотреби на пари во повеќе македонски општини. За КОД, Дејан Стојкоски раскажува за својот случај и за злоупотребите во судската постапка против него, но истотака дава детали и за истрагата за сериските убиства во Кичево која тој ја водел и во која беше откриен новинарот Владо Танески.
Танески подоцна мистериозно се самоуби во кофа со вода во тетовскиот затвор, а за едно од убиствата поврзани со него осудени се други луѓе. За убиствата на Митра Силјаноска и на Радослав Божиноски, Анте Ристески се уште издржува доживотна казна во Идризово иако уште лани во февруари КОД објави дека во судското досие за него има ослободителни докази, односно ДНК анализата го ослободува од вина за убиство на Митра Силјаноска. Надлежните уште молчат за овие сериозни откритија.
Од списите на предметот се гледа дека во тоа време командир на полицијата во Кичево бил Генчо Лазаров кој и во моментов ја извршува оваа функција. Со негов потпис е испратено барањето за земање на крв од осомничените за анализа. Македонската академија за науки и уметност ја прави и ги споредува резултатите од брисот земен од Митра со примероците од осомничените. Резултатот е:
ДНК профилот од машката особа најден во брисот на починатата Митра Силјановска не се совпаѓа со ДНК профилот на ниту едно од шесторицата осомничени лица. Најдески Дарко, Ристоски Анте, Мирчески Игор, Стојаноски Рубин (во анализата има уште две имиња на лица кои се ослободени од истрага). ДНК профилот е од непозната машка особа.
Овој клучен доказ не беше објавен до лани кога КОД истражуваше на темава. Тој е впишан како доказ и во пресудата но никогаш јавно не е прочитано каков бил резултатот. Со ваквиот резултат началникот ја потпишал кривичната пријава.
Но она што е клучно е што примерок од крв е земена и од Владо Танески и е правен негов ДНК профил. Го изработила друга институција, од Судска медицина. Но никогаш не се споредени дали ДНК профилот од Танески е идентичен на оној од непознатата машка особа кај Митра.
Веројатно треба да се направи споредба, се случуваат многу работи, многу жртви има, сите што беа на наша страна, да беше жив Владо може ке имавме обнова, го удавија во кофа со вода, мора да се направи споредба со ДНК а вака само страдаме, изјави доживотниот осуденик Анте Ристески.
Неговиот адвокат ни изјави дека еднаш е побарано повторување на постапка, а сега бараат споредба на ДНК резултатите.
Во предметот на кичевскиот командир на полиција сепак има барање и тоа потпишано токму од него. Тој во 2008 сакал да си потврди дека Таневски всушност е убиецот и на Митра па за тоа побарал споредба на ДНК анализите како доказ.
23.06.2018 До Истражен судија од Основен суд – Кичево
Потребно е да се издаде наредба за споредба на ДНА профили од земен брис од Митра Силјановска, со ДНА на Владо Танески.
До сега резултати од таква анализа нема.
Емисијата КОД е вечерва во 19:15 часот.
Билјана Николовска