КОД: Кој е злосторникот што го праќал списокот на заболени од Ковид 19 по социјални мрежи- трагите во два правци, кон полиција или здравствен дом

Ексел документ пресликан во две фотографии. На него имиња, адреси, телефонски броеви, возраст и забелешка каде се сместени. Вкупно 44 графи што означуваа колку пациенти во Куманово се заразени со Ковид 19. Истражувањето за овој документ е објавено во емисијата КОД на 12.04.2020.

КОД откри дека овие фотографии првпат се споделуваат преку социјалните мрежи на први април. Тоа го покажува и документот на кој на врвот стои Општина Куманово заклучно со 30-ти март. Не станува збор за првоаприлска шега, туку некој кој имал пристап до списокот ги сликнал списоците со сите податоци на болни, заразени луѓе. Потоа таа слика се споделува од некој злосторник која ја искористил шансата бидејќи имал пристап до податоците.  Во тој момент во Куманово има регистрирано двајца починати од Ковид 19 кои со личните податоци ги има во сликаните документи и вкупно 47 потврдени случаи на корона вирус. Тој ден бројот на заразени во Куманово се дуплира од 24, за еден ден имаше 23 позитивни тестови.

Фотографиите се споделуваат преку социјални мрежи и на први април вечерта, но продолжуваат да се споделуваат и препраќаат и наредниот ден на втори април.

За нив разбира и полицијата и центарот за јавно здравје во Куманово. Веднаш е отворена постапка, истрага за да се открие изворот на фотографиите. До петокот 10-ти април, 9 дена уште немаше никаков епилог потрагата. Тогаш дирекцијата за заштита на лични податоци поднесе кривична пријава против непознат сторител. Обвинителството се вклучи во барањето.

Според сознанијата на КОД во целата постапка е вклучена и внатрешната контрола на МВР. И полицајци имале пристап до списокот. Но се уште нема откритие кој го проби и украде списокот. Вкупно три различни институции имаат пристап до него.

Список на заболени во ексел документ прави државниот Институт за јавно здравје, но и Центарот за јавно здравје, Куманово каде пристигнуваат информации од тестирањата на Ковид 19. Таму се прави листата со основните податоци. Во таа здравствена институција во Куманово десетина луѓе имаат пристап до податоците. Надлежните од центарот не сакаа да дадат повеќе информации и да споделат сомнежи бидејќи во тек е полициска истрага.

Информациите се споделуваат со општинскиот кризен штаб во кој членуваат претставници на повеќе институции, полиција, ЦУК, армија, локални претставници, првите луѓе на болницата и на центарот за јавно здравје. Веднаш по пројавените информации, градоначалникот Максим Димитриевски кој го води штабот ја известил кумановската полиција и побарал истрага. Документот не е споделуван на штабот ниту сум го видел, вели Димитриевски.

Податоците за адресите на заразените ги добива и полицијата, која со патроли ги надгледува местата особено на оние пациенти кои се на домашно лекување со поблаги симптоми. Најмалку триесетина полициски службеници учествуваат во оваа операција кои со списокот проверуваат дали пациентите седат дома. Станува збор и за теренски полицајци, но и за нивните сменоводители во полициската станица. Извори во СВР Куманово тврдат дека сега се бара дали некој од полицајците ја ширел фотографијата на интернет. Доколку полицаец го сторил делото ќе одговара, уверуваат од полицијата.

Двете фотографии содржат лични податоци за пациентите. Откако направивме увид во нив, можевме да заклучиме дека се направени со скриншот на телефонски апарат. Односно тој што го имал документот со заболените го усликал на својот телефон и потоа го препратил. Првиот сомнеж води кон Институтот и центарот за јавно здравје. Дека таму се прават фотографиите и со нив се известуваат полициските сменоводители за да ги распоредат своите патроли каде треба да одат.

Фотографијата е направена на мобилен телефон и во 19:32 часот навечер. Последен пациент е со број 44 што значи дека списокот е сликан на 31-ви март навечер, затоа што до утредента во Куманово беа потврдени уште тројца пациенти.

Во тој период  познато кои полицајци и полициски сменоводители се на должност и преку проверка на мобилните телефони може да се утврди дали некој од нив го препраќал списокот со личните податоци или пак претходно од вработен во центарот е проследена преку социјални мрежи. Досега не е направена ваква форензичка истрага и анализа на телефоните.

На дното на документот кој се гледа дека е ексел, покрај општина Куманово, стојат и имињата на двете соседни општини Липково и Стар Нагоричаен кои се во надлежност на центарот за јавно здравје Куманово.  На врвот, насловот е Список корона 19 со дополнување мобилни на латиница. Под фотографијата стои и реклама која се појавува при користење на Микрософт ексел преку мобилен телефон.

 

Овие податоци откриваат многу детали, освен што досега не го откриле злосторникот кој сликата со имињата на загрозените пациенти ја делел по интернет. Со тоа ги издал личните податоци на пациентите, но и во време кога има многу кои им се закануваат ги довел во опасност и заразените со Ковид 19 во да бидат цел на напад. Не е познат ниту мотивот на злосторникот. Но неговото кривично дело стигна и до тимот на КОД. Податоците и лични и медицински на загрозените пациенти не ги објавуваме, бидејќи нашата обврска е да ги заштитиме. Но чекаме одговор кој е виновникот за овој упад во здравствениот систем.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ