Книгите од капиталните проекти кои лежат по магацини, Владата ќе ги дистрибуира по институции од септември

Огромен тираж од 770 илјади книги од капиталните проекти на поранешната власт, се наоѓа распореден во магацински простори и депоа во повеќе наши национални установи и во Министерството за култура. НУБ „ Свети Климент Охридски“ чува дел од тие книги. Донесени се овде меѓу 2008 и 2016 година и распоредени во три магацински простори.

Непрегледно пространство од околу 348 илјади книги, спакувани и расфрлани по подот, се отвора пред нас. Во НУБ се складирани дела од проектите „ Ѕвезди на светската книжевност“, „ Антологија на светската поезија“, „ Врвови на светската книжевност“, „ Антологија на македонската литература за деца и млади“, и книги од едициите, „ Биографии на познати личности“, „ Спорт“, „ Архитектура“ и „ Познати битки и војни од светската историја“.  В.Д. директорката жали што  магацините им се зафатени со, како што вели, мртви книги, наместо во нив да го складираат сопствениот фонд  .

„Тука се мртви книги, што стојат во нашите магацини за кои претходно се боревме да направиме простор за она што е културно наследство. За нашиот фонд кој што лежи по подот во стариот магацин. Тоа беа простории кои што беа предвидени за проширување на тие сториџи и сега ние се среќаваме со еден проблем, кој што навистина сами не можеме да го решиме“, вели директорката Сенка Наумовска.

Од НУБ очекуваат побрза дислокација на книгите, а со иста желба се и од Археолошкиот музеј, каде се однесени дел од книгите од проектот „ Светско книжевно богатство“ .

„Прашина има, се има. Тие се спакувани добро. Но, во секој случај би било добро да го најдат своето вистинско место. Таму за каде што се наменети“, вели директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев.

Како што дознаваме од директорот, овдека има околу 18000 книги. Тие се распоредени во 2 простори. Едниот од нив повремено се користи за изложби.

Книги од капиталните проекти на владата на Груевски, има и во МОБ, во Музејот на ВМРО и во магацин на МОН во Гостивар. При увидот во книжевните капитални проектите на Министерството за култура, од ДЗР утврдиле повеќе пропусти и не се уверени во националниот интерес за нивно објавување.

Извештај на Државен завод за ревизија

  • Залихата на книги се зголемува со што не е постигната целта, истата да стигне до крајниот корисник- читателот,
  • На ревизијата не и се презентирани документи за утврдување на критериумите за потребата од реализација на 11 капитални проекти и за начинот на кој тие биле избрани,
  • За проектот „ Ѕвезди на светската книжевност“, кој не бил завршен според договорот до крајот на 2015, Министерството за култура не побарало надомест на штета, ниту раскинување на договорите, или продолжување на рокот за реализација на услугата.

Увидот на ДЗР се совпаѓа со тој на работната група при Министерството за култура, формирана за попис на книгите . Анализирајќи 11 проекти, започнати од 2013 година,таа утврдила дека вкупната сума за нив, е околу 9 милиони евра. Дека само „ Ѕвезди на светската книжевност “ и „ Антологија на македонската литература за деца и младинци“ се целосно готови, а останатите 9 проекти, не се. Во случај со проектот „ Светско книжевно богатство“, работната група констатирала складирање книги ,без формално-правно примопредавање со што министерството било во повластена положба да не прикаже долг, а издавачот да не може да биде исплатен по фактура. А, тендерите биле повеќе технички, отколку содржински конципирани, без да се води сметка за квалитетот на преводот и лектурата. Но, издавачите демантираат.

„Од издавачки аспект сметаме дека проектите беа добро реализирани. Во реализацијата на овие изданија беа вклучени најдобрите преведувачи, лектори, уредници и стручни редактори, речиси целиот потенцијал во државата“, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

За повеќе наслови од едицијата „ Светско книжевно богатство“,работната група укажува на штетни договори кои издавачите не ги спречуваат дополнително да ги печатат и продаваат книгите, финансирани целосно од буџетот, во услови кога и библиотеките можеле да го продаваат својот примерок. Издавачите и тоа го оспоруваат.

„Објавувањето на дополнителни примероци беше со цел книгите кои инаку се со мала комерцијална вредност , да бидат достапни до пошироката публика. Тоа е одлука на издавачот зашто тој ги поседува правата за објавување во државата. Но, не е точно дека тоа предизвикува штета. Допечатувањето е дополнителен трошок за издавачот, за секој примерок“, велат од издавачкиот центар „Три“.

И в.д. директорката на НУБ,  вели дека книгите од капиталните проекти ,  сместени во преуреденото катче, сега не се продаваат, туку се позајмуваат за читање. Работната група констатирала и недостаток на сретства за целосно завршување на проектите и за дистрибуција на книгите.

Сепак , дистрибуција на книгите ќе има. Од Министерството за култура велат дека со одлука на влада , од средината на септември,книги од капиталните проекти ќе се дистрибуираат  во институции кои до сега не добиле од овие примероци и кои имаат простор да ги сместат. На тој начин ќе се расчистат и магацинските простори во институциите, каде до сега овие книги се чуваа.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ