Клучните закони чекаат политички договор?!

Илјадниците амандмани за Законот за јазиците, составот на ДИК, патните трошоци на пратениците и други важни одлуки сe уште се заглавени во Собранието.

Денешната координација кај претседателот Џафери, на која не присуствувале ниту од СДСМ, ни од ВМРО ДПМНЕ, не донесе договор за клучните прашања.

Одлучено е утре да се закаже продолжение на  седница на која ќе се разгледуваат закони по скратена постапка, а извесно е и дека на 22 февруари, во четврток, ќе има седница за поставување на пратенички прашања. Важните закони чекаат политички договор, особено по најавите дека деновиве е можна средба меѓу претседателите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Од ВМРО ДПМНЕ не потврдуваат дали и кога ќе се случи средбата, но велат дека Мицкоски има намера да се сретне со претседателите на сите политички партии на Албанците во земјава. Претставник на опозициската партија имал неформална средба со Џафери во врска со нивните активности, а редовно се одржуваат и средбите на работните групи за реформските закони, но никој не соопштува дали е постигнат напредок. Опозицијата и понатаму не учествува во работата на Парламентот, а закажувањето на пленарна седница зависи и од кворумот.

Кон крајот на неделата, неколкумина пратеници  заминуваат на службено патување во Виена, една пратеничка е на породилно отсуство, а друга е повредена во сообраќајна несреќа.

Од Собранието велат дека се чека и епилогот од настаните во Беса и како  вчерашниот избор на Африм Гаши за претседател на партијата ќе влијае на собранискиот состав. Засега, нема промени во однос на пратеничката група на оваа партија која брои петмина пратеници, а меѓу нив е и Гаши.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ