Клиниката за онкологија ја поништи одлуката за наплата на партиципација

На први јуни стапи на сила одлуката – прегледи и лабораториски анализи за болните од рак да се наплатуваат, иако тоа не важеше во минатото на Клиниката за онкологија. На ова уследи реакција и од Фондот за здравство, од каде беше побарано Министерството да дообјасни што спаѓа во доменот на онколошки услуги бидејќи тоа е како што велат – широк поим.

„Онкологијата, малигните заболувања не спаѓаат во нешто што треба да се партиципира. Партиципацијата беше за мал дел услуги, но, од вчеравечер тие ги укинавме сите“, кажа Нино Васев – Директор на Клиниката за Онкологија.

Во програмата за малигни заболувања на Министерството за здравство што се објавува во Службен весник секоја година, не се предвидува плаќање партиципација за онколошки услуги, туку само за друг вид здравствени услуги.

„Законски ние сме обврзани за други услуги, ама други услуги не се ништо друго освен лабораторија и цитолошка пункција. Инаку, лабораторијата е 28 денари, а цитолошка пункција е околу 100 денари за наплатување“

Во меѓувреме, реагираа и од Министерството за здравство со демант дека ќе има наплаќање лабораториски анализи и прегледи на Онкологија.

„За се што е поврзано со малигни болести не треба да се наплаќа партиципација. Лекувањето на карциномите покрај хируршки третман, зрачење и хемотерапија опфаќа и следење на болеста преку прегледи и лабораториски анализи“, соопштија од Министерство за здравство.

Дополнително, од Министерството за здравство посочија дека работат на тоа да го повлечат плаќањето партиципација и за други категории на пациенти кои се лекуваат во јавното здравство.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ