
Киелце го надигра Вардар, му го нанесе првиот пораз во ЛШ
Киелце го запре Вардар во петиот натпревар од ракометната Лига на шампиони. По голема борба на домашен терен го надигра со 31:27 во петото коло од А групата и му го нанесе првиот пораз сезонава.
Затаи одбраната кај „црвено црните“ која ги красеше во претходните четири победи додека во нападот брзоплето ги завршуваа акциите и најчесто не успеваа да го пронајдат патот кон голот на домашниот тим.
Македонскиот првак ниту еднаш не беше во водство а не успеа и да го израмни резултатот. Полскиот состав ја имаше контролата на мечот кој го реши на почетокот од второто полувреме кога со серија од 6:2 оствари водство од 22:17, доволно за на крајот да стигне до четвртата победа.
Тензичниот и нервозен меч заврши со две исклучувања по едно на двете страни. Во првиот дел Вардар остана без Вуко Борозан кој доби црвен картон поради жесток прекршок, исто како и Алекс Душебаев во спротивниот табор кога по ударот над поранешниот соиграчот Данил Шишкарев мораше предвреме да го заврши натпреварот.
Тимур Дибиров и Стас Скубе двајцата со по шест голови беа најдобри стрелци кај македонскиот првак додека во спротивниот табор екс играчот на Вардар Лука Циндриќ со осум голови беше најефикасен на средбата.
Вардар го загуби првото место овој викенд и сега е втор со осум бодови исто колку што има новиот лидер Барселона. Киелце има ист број на бодови на третата позиција, додека по него следуваат, Рај Некар Левен и Веспрем со по шест бодови, Мешков Брест има четири на шестото место, европскиот првак Монпелје е претпоследен седми без бодови како и последнопласираниот Кристијанштад.
Вардар во следното коло пред своите гледачи на трети ноември го пречекува Мешков Брест.