„Ќе те пратам на психолог“ – закана, казна или поддршка

„Ќе те пратам на психолог“ зборови кои се врежани кај многу генерации . За многумина казна или закана, за малкумина знак на поддршка во училишните денови. За тоа говорат разочарувачките резултати по истражувањата на здружението „Младите можат“ кои беа спроведени во сите средни училишта во Скопје. Ситуација која не се менува со години наназад во однос на посетата на психолог, смета Николовска.

  • Над 70% всушност велат дека воопшто го немаат посетено психологот во училиштето. Е сега од оние малкумина кои што го имаат посетено кога ги запрашавме кои се причините и како всушност стигнале да одат кај психологот 34 % од нив велат дека се пратени од наставниците заради недисциплинираност во текот на самата настава, 15% заради висок број на изостаноци . А многу мал дел од нив дури ни 5% не одат поради совет, поддршка и кариерно насочување од психологот, објаснува Анита Николовска, извршен директор на „Младите можат“

Ваквата состојба најчесто е резултат на очекувањата на наставниците и оние на учениците кои се разликуваат при првото спомнување на психолог.

  • Ако се прашуваат наставниците тие сметаат дека таму треба да бидам поддршка за нив и често сакаат да учествувам како закана, страшило кое ќе ги исплаши децата, ќе ги стегне, ќе ги стави во ред и ќе ги врати на столчето и во училницата во форма која е најпосакувана за наставникот. Мирен и послушен ученик кој ќе соработува онака како што се очекува. Додека перцепцијата на децата е сосема поинаква  и посакуваат сосема поинаква. Некој кој ќе им се најде додека се во невоља, кој ќе ги разбере кога никој друг не ги разбира, ќе им помогне кога очекуваат или најмалку очекуваат, вели Гордана Блажевска Спиридонова, психолог.

Во време во кое сведочиме на бројни девијантни појави во општеството, меѓуврсничко насилство и дилемите со кои секојдневно се соочуваат учениците, психологот има клучна улога во училиштето. За жал кај нас стереотипите и предрасудите говорат дека малкумина се свесни за нивната улога во различни ситуации, додава Николовска.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ